И со фалењето на Николоски се претера: Аеродромот во Скопје не е лидер во регионот, туку оној во Тирана
Некогаш изгледа сосема необјасниво зошто политичарите кажуваат податоци кои се неточни, да речеме измислени. Така е и со министерот за транспорт Александар Николоски.
„Освежен“ со податоците што вчера прва ги објави Телма дека 11 пати го користел владиниот авион „лирџет“ (најмногу од сите министри) Николоски денеска на својот профил на Фејсбук објави дека со „Визер“ од аеродромот во Скопје од јули годинава за летната сезона се воведуваат уште две нови авиолинии кон Италија: едната кон Алгеро, Сардинија, а другата кон Палермо, Сицилија.
Ова е добра вест за оние што сакаат да патуваат во овие привлечни дестинации.
Но, не е јасно зошто Николоски тврди дека со „новите линии скопскиот аеродром станува лидер во регионот“. Затоа што едноставно не е така.
Според зборовите на самиот Николоски скопскиот аеродром 2025 ја завршил како рекордна година со 3,2 милиони патници. Но вистинскиот и неприкосновен лидер во регионот е аеродромот во Тирана. Тој во 2025 превезол 11,6 милиони патници, што е за 3,6 пати повеќе од скопскиот.
Ниту пак со бројот на дестинациите. Од Скопје во зимската сезона на летање, како што објави Агенцијата за цивилно воздухопловство, до 28 март има 42 дестинации. Аеродромот во Тирана има 107 дестинации со 43 авиокомпании. Така што, малку повеќе усул.
Николоски кажува и дека поради тоа што линиите кон Сардинија и Сицилија ќе оперираат во летната сезона за нив не се предвидени субвенции.