И родителите на Васил Јованов на удар на истрагата за Фросина


Обвинителот Гаврил Бубевски (Фото: Б. Грданоски)

Говорејќи за сообраќајната несреќа во која загина 22-годишната Фросина Кулакова, шефот на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, Гаврил Бубевски вечерва во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма рече дека постапката што се води против возачот Васил Јованов за ова кривично дело е проширена и со постапка за неговите родители. Додаде дека тоа е со цел да се испита влијанието и дејствијата на родителите во насока на која му е овозможено на обвинетиот да има средство, во случајот возило, што може да се толкува како општо опасно.

„Значи, проширена е постапката и кон родителите и дадени се соодветни наредби и до Министерството за внатрешни работи, односно до Секторот за внатрешни работи Скопје да ги испитаат овие околности, во однос на тоа кој му давал средства за бензин за возилото, од кога е возилото, кога го употребувал, кога е купено. Сето тоа ќе биде предмет на анализа. Евентуално ако може да се стават тие дејства во насока да му се става општо опасно средство со кое е извршено кривичното дело, тоа би подлегнало на некаква одговорност“, рече тој.

Посочи дека не знае кои факти ќе произлезат од испитувањето на тоа како тоа возило дошло во рацете на обвинитетот и на кој начин.

„Тоа се треба да се испита. Возилото е на име на таткото. Доказниот материјал треба да го прибави МВР, а може и тие да направат анализа. Тие добија наредба од обвинителот што постапува“,кажа Бубевски.

Додаде дека Обвинителството во моментот ги прибира сите докази за овој случај, како видеоматеријали, а контактирано е и вешто лице, кое има сопствеен лиценциран софтвер кој ќе ја утврди брзината на движење на возилото, како се случила сообраќајката и кое ќе даде целосен наод за тоа што се случило.

Шефот на ОЈО Скопје вели дека е утврдено дека Васил поминал на црвено светло, односно било зелено светлото за жртвата, а дека тоа ја подигнува кривичната одговорност кај возачот и влегува во умислено постапување, со оглед дека се работи за пешачки премин.

„Тука умислата подразбира дека сторителот со своите дејствија е свесен за своитее дејствија или за своите недејствија што бил должен да ги преземе, но се согласил со последицата. Во случајов многу лесно може да се заклучи дека возењето под дејство на алкохол, возењето со брзина која е поголема од дозволената, што е предмет на вештачење, но и со другите факти, умислата веќе е издефинирана. Значи стигнуваш на пешачки премин каде што е црвено и тука веќе се согласуваш со последицата што може да настане. И тука нрма место за друга правна квалификација во однос на тој дел“,рече Бубевски.

Истовремено, Тодор Кулаков, таткото на загинатата Фросина во вечерашното гостување на Телевизија Сител со солзи зборуваше за кобната ноќ.

– Нашиот стан е во Дебар маало, тоа е на 200 метри, девојчето излезе со кучето како што тоа и го правеше секоја вечер. Додека седевме дома ја слушнавме брзата помош, викотници, неколку полициски возила, веднаш зедов телефон да и звонам на Фросина, не одговара, звонеше и мајка и, пак не се јави. Не треба ако дете не ти одговара не телефон да знаеш дека нешто се случило, раскажува Кулаков.

Кулаков најави и нови протести и тоа многу помасовни пред институциите. Рече дека бараат максимална казна за момчето кое го прегази нивното девојче, ги наброја сите дела по кои би требало да одговара а тоа, според него значи дека треба да добие доживотен затвор.

Побара одговорност и за родителите на Васил, вели дека токму ваквото заташкување на случаевите доведува до тоа да се создаваат вакви монструми.

Тодор Кулаков кога беше запрашан што би им рекол доколку ја сретне судијката или пак родителите на Васил или пак лично момчето, тој само порача „не би сакал да ги сретнам“.

Тој се заблагодари на сите институции кои први изреагирале .

„Благодарам на Управата за санкции на Александар Пандов, на МВР, на Владата, на премиерот, на партијата ВМРО-ДПМНЕ која излезе со јасна иницијатива во врска за разрешување на судијката“, истакна Кулаков.

Тој изнесе информација дека Јованов сакаат да го претстават како да се пореметил од болка и да го однесат во друга институција каде што е помала контролата.

„Како последно сознание кое стигна до нас е дека сакаат таквиот монструм да го претстават како да шекнал од болка, а тоа е само заради фактот што им ги земаат телефоните, не можат да комуницираат и сега не им одговара да е во Шутка и бараат некоја друга институција каде да го однесат, дали лудница, каде што е помала контролата, така да комуницира, така да го бранат“, рече Кулаков.