И ракија се печеше на Првиот национален саем за храна и пијалаци во паркот во Скопје (Галерија)

Во скопскиот Градски парк денеска мирисаше на македонска трпеза, на домаќинска куќа, која богато ги пречекува гостите со најубавите јадења и пијалоци


Фото: Б. Грданоски

Ракија во казан се печеше на сред Градскиот парк во Скопје денеска, на Првиот национален саем на храна и пијалоци.

Фото: Б. Грданоски

Во преполниот парк, во кој вриеше како во кошница, се месеа кори (јуфки), имаше мазници, зелници, мантии, пити, макала, бело сирење, јаболка, маџун, ракија, секој што произведува по традиоционалниот домаќински начин, беше распослан со своите производи, несебично нудејќи им на посетителите. 

Се пече ракија на сред Градски парк во Скопје Фото: Б. Грданоски

Не изостана и месото, па гурманите можеа да се насладат на кременадли и други специјалитети, но спремени како дома. 

Фото: Б. Грданоски

Над 200 мали производители – изложувачи на храна и пијалаци и 40 здруженија учествуваа на првиот национален Саем за храна и пијалаци – Вкуси ја традицијата, што денеска во организација на Слоуфуд Македонија со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржува во Градскиот парк во Скопје.

Фото: Б. Грданоски

Во скопскиот Градски парк денеска мирисаше на македонска трпеза, на домаќинска куќа, која богато ги пречекува гостите со најубавите јадења и пијалоци.

Фото: Б. Грданоски

Манифестацијата беше посветена на македонското земјоделство и гастрономијата.

На македонска трпеза се вкрстуваат вкусовите на многу цивилизации, а сите тие оставиле трага врз кулинарството и станале традиција.

Сето ова беше збогатено со добра музика.

Фото: Б. Грданоски

Домашното производство на храна е приоритет, порачаа политичарите кои денеска присуствуваа на гаемот на храна и пијалоци. Од традиционалната кујна и умешноста на нашите луѓе пробаа  премиерот Димитар Ковачевски, министерот за земјоделство Љупчо Николовски и други.

Фото: Б. Грданоски

„Вкуси ја традицијата“, порачува, да ја почитуваме храната, да си ја чуваме традицијата наследена од нашите баби и дедовци, бидејќи таа е најголем доказ дека овде векувал народ кој со генерации ја пренесувал убавината и радоста на животот.

Фото: Б. Грданоски

Организаторот „Слоу фуд Македонија“, смета дека денешниов ден е историски ден за организациите и здруженијата кои работат во областа на земјоделството и производството на храна и за малите производители и изрази надеж дека саемот ќе стане традиционален и дека со текот на годините ќе се зголеми бројот на изложувачи.