И пожарот во Галичник причина за вербална престрелка меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ
Коце Трајановски, Никола Груевски и неговиот чувар на партиската фотелја Мицкоски забораваат дека по дведецениското управување на ВМРО-ДПМНЕ со Скопје го оставија главниот град не само без функционална противпожарна опрема, туку и со криминални милионски трошоци на лесно запалливи фасади од евтин стиропор, се вели во реакцијата на СДСМ на фејсбук статусот на Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тие не мислеа ниту на безбедноста на објектите од ‘Скопје 2014’, чии фасади беа преоблечени со евтин стиропор, ниту на зградите за кои беше употребен истиот материјал. Тие мислеа само како да ги наполнат своите џебови и како ВМРО-ДПМНЕ да стане партија со најголем имот во Европа. Затоа е апсурдно што сега Христијан Мицкоски го обвинува Шилегов за гаснењето на пожарот во Галичник, село кое е два часа оддалечено од Скопје, во општината Маврово Ростуше и зошто набавил противпожарна автомеханичка скала од Будимпешта за Скопје.
Наместо Мицкоски да ја тормози јавноста со лаги и конструкции, треба да им објасни на скопјани зошто ВМРО-ДПМНЕ не набави противпожарна автомеханичка скала за потребите на Скопје иако имаше мнозинство во Советот на градот повеќе од две децении.
Скопјани се уморни од вашите лаги и конструкции, од вашите злоупотреби на пожари и трагедии, и знаат да оценат кој придонесува за безбедноста на скопјани со противпожарна опрема, а кој ја загрозува со ‘инвестиции’ во запалливи фасади од евтин стиропор“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Претходно лидеро на ВМРО-ДПМНЕ преку Фејсбук статус го нападна градоначалникот Шилегов дека купил пожарникарска скала (всушност возило) за 1,7 милиони евра, исповоциран од пожарот во Галичник каде што според него се гасело со опрема од 20 век.

Додека ти Христијане ја замараш македонската и скопската јавност со своите лаги и конструкции, ние веќе правиме обука на персоналот и вршиме технички прием на противпожарната скала, новото добро во нашиот град. Прав си. Ти одиш во Будимпешта по инструкции, некој друг по опрема за безбедноста на скопјани, потенцира Шилегов во објавата на Фејсбук.