И покрај кризата компаниите продуцираа поголем промет, извоз, вработувања и профит


„Топ 100“ компаниите членки на Стопанската комора на Северозападна Македонија во 2020 година и покрај здравствено-економската криза овие компании продуцирале поголем промет, извоз, зголемен број на вработени и повисок профит во однос на 2019 година. Како Топ 5 компании денеска беа прогласени „Кипер“, „АТС Груп“, „Пуцко Петрол“, „Даути Комерц„ и „ПО ФИКС“.

На настанот на промоција на „Топ 100“ компании вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, кој во минатото беше дел од управувачките структури на Стопанската комора на Северозападна Македонија, истакна дека ваквите настани се особено важни, за да се истакнат успесите на компаниите и да се стимулираат и понатаму да растат и да се развиваат, со оглед на тоа што развојот на стопанството има позитивен импакт на целиот економски развој на земјата.

– За растот на компаниите во Стопанската комора на Северозападна Македонија, говорат бројките кои растат секоја година. Во 2018 годишниот промет на „Топ 100“ најуспешни компании беше 750 милиони, во 2019 година имаа годишен обрт од 900 милиони и во кризна година во која најголем дел од економиите имаа пад, „Топ 100“ најуспешните имаат раст од 2,61 отсто, а постигнале ниво од 920 милиони евра обрт. Бројки кои говорат дека нашите претприемачи знаат и умеат и во најтешки времиња да најдат можности дури и да растат. Исто така, многу добри позитини резултати се рефлектираат и во показателите за нето добивката која што во континуитет расте. Ако во 2018 година реализираната нето-добивка на најуспешните 100 компании беше 56,5 милиони евра, во 2019 година 66 милиони евра, во КОВИД период на 2020 година вие постигнавте раст до 9,87 проценти и достигнавте до нето добивка од 73 милиони евра, посочи Битиќи.

Тој истакна дека не смееме да занемариме дека во последните две години се соочуваме со непредвидлива здравствена и економска криза која ги стави на тест нашата отпорност, истрајност и борбеност, што на овие признанија денеска им дава дополнителна тежина.

Вицепремиерот рече дека успехот на овие компании е важен, бидејќи даваат позитивен пример и поттик за сите останати и создаваат култура на деловна мотивираност и промовираат здрава конкурентност. Сето ова, како што нагласи, влијае на подобрување на продуктивноста, зголемување на бројот на вработените, како и севкупниот економски раст.

– Моите гледишта кон економскиoт развој не се промените од времето кога сум бил дел од Комората и се засноваат на реструктурирање на домашната економија во нова развојна економија која се темели на производство со додадена вредност, односно, поттикнување на компаниите кои главно работат во трговската дејност да се реструктурираат во производство, преработувачка, истражување и развој или во сектори кои креираат поголема додадена вредност. Владата преку мерките за поддршка на инвестициите обезбедува поддршка до 50 отсто од оперативните трошоци за влегување во овие сектори, кои ќе го зголемат нашиот БДП, бројот на вработени, извозот и секако стандардот на граѓаните, подвлече вицепремиерот.

Тој додаде дека Северна Македонија и целиот регион на Западен Балкан имаат голем потенцијал за раст и развој на економијата и дека со заедничка работа, на Владата, стопанството и меѓународните партнери, треба да се искористи шансата за побрз и одржлив економски развој на земјата и регионот.

– Во насока на поддршка, раст и ваш развој, на моите средби со политичари и бизнисмени во регионот веќе зборувам, а денеска сакам да ја отвориме оваа дискусија и заедно тука со вас, а тоа е креирањето на силни вредносни ланци на компаниите во нашата земја но и поврзување со целиот регион. Ова е нашата конкурентна предност, која мораме да ја искористиме, за да излеземе посилни и постабилни во пост ковид периодот. Ре-фокусот на стимулирање на инвестициите на пазарот на Западен Балкан ќе креира отпорен и стабилен регионален пазар, кој ќе е конкурентен на европскиот, односно светскиот пазар, а истовремено ќе ги поддржува и секако расне и зајакнува националните економии. Веќе зборуваме за креирање на стимулирачки и афирмативни мерки кои ќе поттикнат  посакуван економски развој преку зацврснување и синергија на вредносиот ланец за да го искористиме и капитализираме целосниот потенцијал кој ни се отвората преку „Near shoring“, или приближување на ланците за снабдување, поблиску до големите, прво европски, а и светски компании, заврши во своето обраќање вицепремиерот Битиќи.