И Осман Кадриу не доби доволно гласови за да стане претседател на Уставен суд
Ниту уставниот судија Осман Кадриу денеска не доби доволен број гласови да стане претседател на Уставниот суд. Мандатот на Добрила Кацарска како претседателка на судот измина вчера, а денеска претходно без победник заврши гласањето за Татјана Васиќ-Бозаџиева и Ана Павловска-Данева. За двете судијки се гласаше безуспешно и во четвртокот и петокот, а резулатот беше 5:4 во добиени гласови. Потребни се најмалку шест гласови „за“, имајќи предвид дека е потребно двотретинско мнозинство од деветте судии колку што сега брои Уставниот суд.
Денеска, по првото неуспешно гласање Павловска-Данева ја повлече кандидатурата, но Васиќ-Бозаџиева сепак не го доби потребниот број гласови. Потоа, како што се дознава, се гласаше за судијата Осман Кадриу, но и тој не доби шест гласа. Според деловникот на Уставниот суд, гласањето се повторува до изборот на претседател на судот.
„Со цел да не се доведе државата во уставна криза, се повлеков и побарав судот да гласа согласно принципот на меритократија, односно исклучиво согласно професионалните квалификации и менаџерските капацитети на кандидатите“, рече утрово Павловска-Данева по седмиот неуспешен обид за избор на претседател.
Покрај Осман Кадриу, можни кандидати за преземање на претседателската функција се и Насер Ајдари, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Елизабета Дуковска и Јадранка Дабовиќ-Анастасовска. Секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд.