И официјално: Македонија ќе добие пари од Орбан, но 500 милиони евра, а не милијарда
Премиерот Мицкоски во изјавата од Вашингтон соопшти дека на средбата со Виктор Орбан ги договориле деталите: камата од 3,25 отсто и грејс период од три години
Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Вашингтон обелодени од каде ше стигнат парите од таинствената евопска дестинација како кредит за Македонија. Како што се претпоставуваше, тие пари ќе дојдат од владата на Унгарија, но нема да бидат милијарда евра, како што најави Мицкоски веднаш по изборите, туку 500 милиони евра.
Договорот влада со влада бил формализиран на средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан на самитот на НАТО во Вашингтон. Каматата е 3,25 отсто, со три години грејс период и отплата на 12 години. Половина од тие пари ќе бидат наменети за проектот за капитални инвестиции во општините.
„Денеска заедно со премиерот на унгарската влада, господинот Виктор Орбан имавме исклучително квалитетна и плодна средба.
Разговаравме за неколку теми, меѓу кои и темата којашто можеби за македонските граѓани е најважна, а тоа е дека двете влади се договорија во иднина да воспостават специјална економска соработка, нешто што ќе значи сигурност и нешто што ќе значи финансиска стабилност за нашата македонска економија.
Во името на таа соработка се договоривме дека веднаш сега одговорните лица, министерствата за финансии на двете влади да отпочнат процес во којшто унгарската влада ќе ѝ позајми на македонската влада 500 милиони евра под следните услови – а тоа се камата од 3,25 проценти, три години грејс период и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години“, рече Мицкоски во изјавата од Вашингтон.
Според него, специјалната економска соработка значи дека Македонија ќе може повторно да се обрати до Будимпешта и тамошната влада и да побара дополнителна поддршка што ќе биде потребна за македонската економија.
Тој кажа и како ќе бидат употребени овие пари: „250 милиони евра директно поддршка за македонската економија под истите услови, 3,25 проценти камата, три години грејс период, 12 години рок на отплата или вкупно 15 години. Македонската економија ќе добие услови кои што до сега не можела да ги добие на економскиот и финансискиот пазар, а 250 милиони евра ќе бидат наменети за капитални проекти коишто ќе бидат изведени во општините и ќе бидат исклучиво наменети за потребите на граѓаните“.
Според пишувањето на унгарскиот магазин „Маѓар наранч“ за оваа можна зделка, парите треба да се одобрат од унгарската Ексим банка, што ќе биде највисок кредит што таа го исплатила во нејзината историја. Виктор Орбан е најблизок сојузник на ВМРО-ДПМНЕ последниве 15 години и двете парии (Фидес на унгарскиот премиер) имаат исклучително блиски односи. Минатата година Мицкоски изјави на два пати дека имаат помош од Фидес при подготвувањето на нивната програма за изборите што се одржаа во мај. (Н.В.)