И новата власт ќе носи нов Кривичен закон


Министерот за правда, Игор Филков, Министерот Филков, ќе бара начин оние чиишто случаи пропаднаа поради измените на Кривичниот законик, меѓу кои и на Игор Јанушев кој е актуелен генерален секретар на Владата – да одговараат за сторените кривични дела кои им застареа. Дали ќе се најде решение за тоа, не се знае, но наводно ќе се бара начин никој да не остане неказнет.

Ова е дел од најавите на Филков денес за зајакнување на владеењето на правото, кои вклучуваат и изработка на нов Кривичен закон, иако експерти дебатираа со години и дадоа предлози што на крајот беа изиграни со брзите амандмански измени во Собранието, со кои застареа многу од случаите на СЈО против високи функционери.  Имено, Филков најави дека ќе  формира нова работна група која ќе подготвува нови измени на Кривичниот законик, така што ќе паднат во вода измените на КЗ коишто со години ги подготвуваше експертската група и кои веќе се објавени на ЕНЕР како предлог закон. Тоа значи дека и натаму ќе се пишува  закон место да се усвојат решенијата што се логични и да се гони криминалот, односно ќе се глуми борба против корупцијата со нон стоп подготвување на нови законски решенија за некој што ќе дојде потоа на власт.

Министерот не знаеше да каже кои ќе бидат нови членови на работната група затоа што преговорите се уште биле во тек, но од неговите одговори можеше да се сфати дека во оваа група ќе има и од експертите што работеа веќе на измените. Зошто ќе се прават нови измени ако веќе има постоечки, министерот не образложи и кажа дека за се јавноста ќе биде информирана кога се ќе биде конечно.

Со ова, но и со претходните изјави на премиерот Христијан Мицкоски, власта го отфрли предлогот на новиот претседател на опозициската СДСМ, Венко Филипче кој призна дека измените на КЗ што ги донесоа биле грешка и предложи со консензус да бидат изгласани измените кои ги подготвуваше експертската група.

Во исто време новиот член на телото за помилување на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, Гордан Калајџиев, вели дека се размислува за нова амнестија за осудените за упадот во Парламентот.  Тој за „Трилинг“ изјави:

„ Едниот начин е да оди преку помилување, што по мене е поедноставен, односно претседателката на државата да ги помилува. Сега слушаме дека тие не сакаат да бидат помилувани.  Законот не ни предвидува нивна волја, дали тие сакаат или не сакаат да го остават на суверенот на претседателот. Другиот би бил ако сакаат да се испочитува таа нивна волја, преку форма на некое ново судење. Единствено што го гледам јас како опција е преку иницијатива на државното обвинителство и  барање за заштита на законитоста, бидејќи тоа во нашиот систем е најширок правен лек и самото обвинителство да утврди во некој случај дека имало грешка, признае и грешка сопствена. Може, врз основа на одредени повреди што ќе ги утврди дека се сторени, Врховниот суд да одлучи врз основа на овој правен лек. Мислам дека тоа практично е  вториот начин, затоа што повторување на класична постапка е можно само ако имаме нови факти или докази, а ние такво нешто немаме“, истакна Калајџиев.