И ние имаме македонски Фриди, ги откри Сузана Турунџиева – магична музичка вечер во Скопје


Аматерскиот женски хор „Фрида“,  чиј диригент и уметнички раководител е познатото ТВ лице Сузана Турунџиева, синоќа, во топлата скопска вечер, приредија незаборавна вечер, во чест на мексиканската уметница Фрида Кало, која почина на 13 јули, 1954 година, на 47 години. Музејот  на македонската борба беше претесен за да ја собере многубројната публика која уживаше во светски поп-хитови и македонски шлагери, репертоар кој не врати во едно поубаво време.  Настапот беше во рамки на 45, „Скопско лето“. 
 
 
Турунџиева, чудо од жена, активна на многу полиња, на концертот и диригираше и свиреше пијано и ширеше позитивна енергија и ги подржуваше своите хористки-Фриди, 47  од 62 колку брои аматерскиот женски хор. 
 
На програмата на концертот беа  изведени светски хитови („Light of Life“, „Dance Me to the End of Love“, „Islands in the Stream“, „Sway“ и останати), како и обработка на македонски безвременски хитови („Свири ми свири“, „Еден бакнеж“, „Роза сина“, „Бакни ме нежно“, „Галебе мој тажен“, „Есенска роза“ и други). 
 
 
Во времетраење на целовечерниот концерт, на тема „ФРИДА КАЛО – уметност која непрестајно инспирира и мотивира“ беше поставен изложбен штанд со рачни изработки, изработени од хористките и од Сузана Турунџиева, кои на самиот настан  се продаваа. Средствата кои ќе бидат соберени ќе бидат наменети на некоја „Фрида од нашето секојдневие која се соочува со здравствени предизвици“, а и се потребни за лекување. 
 
 

Аматерски женски хор „ФРИДА“ е формиран во октомври 2023 година. Основач, раководител и диригент на хорот е Сузана Турунџиева – вокален солист и музички педагог. Хорот го сочинуваат околу  хористки аматери, со големо хорско искуство. Нивниот ентузијазам, талент, креативност, посветеност и желба за групно музицирање е причина повеќе хорот да постави високи цели и предизвици кои за релативно кратко време од неговото формирање им обезбедија настапи на повеќе манифестации од јавен карактер. (Л.С.)

Фото: Скопско лето