И Мицкоски е во Охрид за да порача дека нема да има уставни измени


 

Еден ден по јасната порака на Жозеп Борел и Оливер Вархеи дека Македонија нема да може да оди напред кон ЕУ додека не се направат уставните измени, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ отиде во Охрид за да порача дека промена на уставот нема да има. Барем не во овој парламентарен состав.

Додека вниманието на регионалната, европската, па и на светската јавност, е насочено кон преговорите на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти со европски посредници во вилата „Билјана“ за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, Мицкоски во Охрид ги фалеше постигнувањата на локалната власт под раководство на градночалникот од неговата партија.

„Уставни измени во овој пратенички состав под бугарски диктат и во овие околности нема да има. Тоа што го прави власта е процес кој што на крајот ќе се удри во ѕид, односно ќе заврши неуспешно. Бидејќи ние предупредуваме веќе подолго време дека тоа што го преземаат како обврска од името на сите нас, не само што немаат кредибилитет туку и не можат физички да го поминат. Тоа нема да се случи ниту во мај ниту во јуни, затоа што ние имаме принципиелен став од самиот почеток. Создадоа проблем којшто не можат да го решат, создадоа проблем кој што сите ние го имаме, и ако продолжат дополнително да го комплицираат ќе се треснат сите во една мртва улица, но за жал тоа ќе биде еден огромен проблем за сите граѓани и за Македонија како држава. Но јас ви ветувам дека за сето ова што го прават ќе има и одговорност веднаш откако новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја преземе одговорноста“, нагласи Мицкоски.

Тој уште додаде дека иницијатива „Отворен Балкан“ никако не смее да биде и не треба да биде замена за полноправно членство на Македонија во рамките на ЕУ.