И „Маврово“ учествувало во изградбата на патот каде што се случи трагедијата со автобусот


Оваа делница од автопатот „струма“ е една од најозлогласените во Бугарија (Фото: Б. Грданоски)

Бугарските медиуми попладнево објавија дека и македонската градежна компанија „Маврово“ учествувала во изградбата на озлогласениот дел од автопатот од Софија кон Благоевград каде денеска во незамислива трагедија загинаа 45 македонски државјани кои се враќаа од патување во Истанбул. „Маврово“ било дел од бугарско-македонското конзорциум „Бул строј инженеринг“ заедно со бугарската компанија „Бизнис менаџмент систем – АБП“, која во тоа време била сопственост на извесен Николај Пишинов, објави дигиталниот весник „Медијапул“.

Според овие информации, делницата е дел од изградбата и санирањето на 39 километри од патната клучка Даскалово до градот Дупница. Изградбата на овој дел од автоаптот почнала во 2001 година и е завршена на крајот на јануари 2007 година, кога и официјално ја пушти во промет тогашниот премиер Сергеј Станишев. Од оваа делница речиси половината е изградена како нов автопат, а другиот дел е рехабилитација на стариот пат.

Според „Медијапул“, проектирањето на трасата го направила италијанската компанија „Спеа“, а контролата и надзорот на градбата им била доделена на белгиската компанија „Луј Берже“ и на бугарската „Патинвест инженеринг“.

Финансирањето на изградбата е во рамките на тогашната претпристапната програма ФАРЕ на Европската унија и заем од Европската инвестициска банка. Договорот со банката е склучен во 1998 година, а со изведувачот „Бул строј инжинеринг“ во 2001 година.

Бугарските медиуми денеска објавија многу текстови во кои се тврди дека токму оваа делница е една од најлошите во бугарската мрежа на автопати заради нејзината непрегледност и големата нивелација која оди и над 6 отсто.

Поради доцнењето на изградбата на делницата во подоцнежната фаза во нејзината изградба се вклучиле и бугарските компании „ИСА – 2000“ и „Гранит – 97“.

Која од четирите фирми точно била вклучена во изградбата на кобниот километар каде се случи несреќата нема одговор од Агенцијата за патна инфраструктура на Бугарија.

Богдан Милчев од бугарскиот Институт за патна безбедност за бугарските медиуми денеска наброја многу проблеми за безбедноста на патиштата во државата и ги повика надлежните органи во скоро време да ги решат за да не се случуваат вакви катастрофи.

„Јас и моите пријатели повикавме да се формира Државна агенција за патна безбедност. Имаме проблем со проектирање на патиштата. Таму недостасуваат многу работи кои треба да се променат“, рече Милчев.

Овој дел од автопатот „Струма“ стана неславен поради доцнењето на изградбата за 24 месеци и зголемувањето на неговата вредност од 26 милиони евра на 54 милиони евра.

Во 2010 година тогашниот министер за регионален развој Росен Плевнелиев (кој подоцна стана и претседател на државата), изјави дека изградбата на делницата поскапела три пати и дека е завршена со задоцнување од четири години. Иако беше пуштен во употреба на почетокот од 2007 на овој дел од автопатот до 2013 година брзината на движењето беше ограничена на 90 km/h.