И хеликоптерот на МВР ќе гаси пожари


 

Еден од хеликоптерите на МВР опремен е со систем за гасење односно, може да полни вода за гасење пожари, информира денеска дирекоторот на ЦУК Стојанче Ангелов.

Зборувајќи на прес-конференција тој информира дека во однос на авионите за гасење пожари, два се на сервисирање, а еден е подготвен и е тука. Другите очекува да се вратат од сервис до почетокот на сезоната на пожари. Од АРМ имаат на располагање два хеликоптера, но за годинава немаат потврда од таму.

Ангелов појасни дека авионите и хеликоптерите последни се вклучуваат во гасење на пожари, затоа што сите пожари се гасат од земја.

Како што рече директорот Ангелов, до сите институции кои се надлежни да гасат пожари испратиле барање да кажат со што располагаат, а што им фали за да бидат подготвени за гасење пожари, со цел во среда тој елаборира пред Управниот одбор, кој пак потоа ќе ја проследи информацијата до Владата, од каде треба да одлучат што ќе набават.

Кога се појавува пожар на територија на Скопје на пример, први гасат градските пожарникари, ако пожарот се прошири на национални паркови и шуми, во гасењето се вклучуваат пожарникарите од „Македонски шуми“, потоа градоначалникот бара помош од непрофесионални пожарникари односно вработени во општините. Дури потоа се бара помош од ДЗР, од АРМ или од МВР, појасни Ангелов.

Ангелов рече дека годинава многу рано се соочиле со дури 140 пожари, од кои еден беше на површина од 20 хектари.
Тој најави дека ќе се обидат рано да го ограничат движењето на луѓето низ шумите, но посочи дека планинарите се први кои јавуваат за некој пожар и најмногу помагаат во негово гасење. Ангелов е на мислење дека на планинарите не треба да им се забрани шетање во шума, но за тоа треба да одлучи Главниот штаб. Негово мислење е дека тие се пријатели. Повика секој што оди во шума совесно да се однесува, а ако забележи пожар да пријави на 112.