И граѓани се закануваат дека ќе тужат во Стразбур ако се одобри проектот кај „Холидеј ин“


Околу илјада граѓани, сопственици на станови и деловен простор во зградите Градски ѕид спроти парцелата кај „Холидеј ин“, најавуваат тужба против државата пред Европскиот суд за човекови права доколку градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ даде градежна дозвола за 20-катниците, пишува СДК.МК.

Тоа значи дека во секој случај Општина Центар или државата ќе бидат тужени откако вчера градоначалникот Саша Богдановиќ рече дека може да заработи тужба од инвеститорот ако се донесе суспензија на Деталниот урбанистички план. Сега граѓани му велат дека и ако даде дозвола и не донесе суспензија пак ќе биде поднесена тужба и тоа пред меѓународен суд.

Во писмото потпишано граѓани од 320 станбени единици и 20-тина деловни субјекти, испратено до претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, градоначалниците Петре Шилегов и Саша Богдановиќ, министрите за транспорт и врски и животна средина Благој Бочварски и Насер Нуредини, тие велат дека се крајно разочарани од тоа што се дозволуваат вакви градби спротивно на јавниот интерес. Велат дека постојната сообраќајна мрежа не може да ги издржи овие градби и населеност, бидејќи и сега овој дел од центарот на градот е затнат.