И Џојн Вејн на удар – се бара отстранување на името и статуата од аеродром во Калифорнија
Демократските лидери во округот Оринџ, Калифорнија, побараа отстранување на името, статуата и други обележја на филмската икона Џон Вејн од окружниот аеродром, заради неговите расистички верувања.
„Лос Анџелес тајмс“ објави претходно оваа недела дека официјалните лица усвоиле итна резолуција во која се осудуваат „расистичките и нетолерантни изјави“ на Вејн, дадени во интервју во 1971 година и го повикуваа Окружниот одбор на супервизори да го отстрани неговото име, статуа и други обележја од аеродромот при што се предлага да се врати оригиналниот назив „Аеродром на округот Оринџ“.
Спорните изјави на Вејн се од 1971 година кога во интервју за магазинот „Плејбој“ имал нетолерантни коментари против црнците, домородните Американци и ЛГБТ заедницата. Медиумите потсетуваат дека тој во интервјуто рекол: „Јас верувам во превласт на белците сè додека црнците не се едуцираат до степен на одговорност. Не верувам во давање овластувања и лидерски позиции и пресуда неодговорни луѓе“.
Вејн исто така рече дека, иако тој не поддржува ропство, не се чувствува виновен „поради фактот што пред пет или 10 генерации овие луѓе беа робови“. Актерот исто така рече дека не чувствува каење за потчинетоста на домородните Американци.
„Нашата т.н. кражба на оваа земја од нив беше само прашање на опстанок. Имаше огромен број луѓе на кои им беше потребна нова земја, а Индијанците себично се обидоа да ја задржат за себе“, рече Вејн во тоа време.
Тој, исто така, ги окарактеризира филмовите „Easy Raider“ и „Midnight Cowboy“ како перверзни, а користеше навредлив термин за два лика на хомосексуалци во друг филм.
Според подготвувачите на резолуцијата, заложбите да се исфрли Вејн, долгогодишен жител на округот кој почина во 1979 година, е дел од „националното движење за отстранување на симболите за супремација на белците и имиња кои ги преобликуваат американските институции, споменици, бизниси, непрофитниот сектор, спортски лиги и тимови“.