И директорот на „Паркови и зеленило“ од Скопје поднесе оставка
Во редот на оние што поднесоа оставки на директорските места во скопските комунални претпријатија денеска застана и Ангеле Сотировски, првиот човек на „Паркови и зеленило“. И Сторивски, инаку кадар на Социјалистичката партија, бил незадоволен од работата на градоначалничката Данела Арсовска и нејзиниот однос.
Од Социјалистичката партија соопштија дека и покрај стручноста на Сотировски и исполнување на програмските активности функционирањето на претрпијатието било во опасност најмногу поради Арсовска.
„За сметка на декларативната независност, неприфатлив е нејзиниот неразумен и одмазнички однос кон кадрите предложени од политичките партии кои застанаа зад нејзината кандидатура и кои несебично учествуваа во изборната кампања. Со тоа сметаме дека таа, со потценувачкиот однос, не само што ги предаде политичките партии од коалицијата ‘Обнова на Македонија’, туку ја изневери довербата и очекувањата на граѓаните на Скопје“, наведоа од партијата
Претходните денови оставки дадоа и директорите на „Градски паркинг“, „Дрисла“, „Улици и патишта“ и на „Лајка“, откако Арсовска го разреши директорот на „Водовод и канализација“, Златко Перински, поради наводни матни работи околу изградбата на пречистителната станица.