И да биле пријавени обврзниците, Царината ќе го проверувала потеклото, намената …

Кај нас сѐ уште немало случај во кој обврзниците се користени за перење на пари, но со зголемениот број на понуди на глобалниот пазар не се исклучува можноста да има и други заплени на физички преносливи средства за плаќање во иднина, велат од Царинската управа за „Независен“


Фото: Б. Грданоски

 

Царинските службеници секако ќе го проверувала потеклото, намената и веродостојноста на обврзниците кои беа најдени кај турски државјанин, и доколку тој ги пријавел при влезот во земјава на скопскиот аеродром. Од Царинската управа за „Независен“ велат дека и хартиите од вредност подлежат на задолжително пријавување. Тоа се однесува и на македонски граѓани доколку сакаат да изнесат од државата хартии од вредност кои што се издадени во Македонија.

По објавувањето дека Царината открила и запленила обврзници со вкупна вредност од 92 милиони долари по извршена контрола на странски патник кој на 28 јули годинава пристигнал во државава со лет од Истанбул, во јавноста се наметна прашањето каков е третманот на овие хартии од вредност, односно дали имаат ист третман како пренесување на готовина преку граница.

На прашањето на „Независен“ дали е забрането пренесување хартии од вредност преку граница, односно дали и тие подлежат на задолжително пријавување како пренесување готовина, од Царинската управа ни одговорија дека во член 10 од Законот за Царинска управа како една од основните надлежности на Царинската управа се и вршење на контрола на внесување и изнесување на пари, монетарно злато и физички преносливи средства за плаќање преку царинската линија на Република Северна Македонија.

„Согласно тоа и хартиите од вредност подлежат на задолжително пријавување на влез или излез од Република Северна Македонија“, велат од Царинската управа.

Од таму додаваат дека и во случај македонски државјани да изнесуваат во странство домашни хартии од вредност, Царинската управа е надлежна да ја врши контролата на внесувањето и изнесувањето на домашните хартии од вредност.

„При изнесување на хартиите од вредност, кои спаѓаат во физички преносливи средства за плаќање, македонските државјани се должни да ги пријават“.

Турскиот државјанин не ги пријавил обврзниците при влезот во земјава, дури, како што објасни на прес конференција првиот цариник, директорот Стефан Богоев, тој се упатил кон т.н. Зелен канал, односно лентата по која поминуваат патниците кои немаат да пријават ништо на цариниците, но по дополнителната контрола во патна торба биле откриени две папки со вкупно 184 обврзници. Богоев, во интервју за ТВ21 појасни дека цариниците дополнително се посомневале бидејќи патникот давал конфузни одговори, како и дека податоците од неговите лични документи не се совпаѓале со оние на обврзниците.

Но, дури и да ги пријавел, цариниците секако ќе ги провереле, велат од Царинската управа.

„Доколку обврзниците биле пријавени на царинските службеници, истите од страна на службите на Царинската управа во корелација со други домашни и странски институции би биле предмет на истрага за нивното потекло, начин на стекнување, намената, веродостојноста и сл.“, велат од Царинската управа.

Едно од прашањата кои се наметнаа по прес конференцијата на Богоев е и неговата изјава дека во светот има се поголем број случаи на перење пари со хартии од вредност. „Независен“ замоли за дополнителни објаснувања како тоа се прави и дали имало такви случаи кај нас.

„Во последниот период релевантни финансиски институции од повеќе земји јавуваат дека на глобално ниво се ‘забележува зголемен број на јавни и приватни понуди на обврзници различни од оние издадени од Државниот трезор, адресирани до индивидуални инвеститори’, како и ‘значителен интерес на инвеститорите за овој облик на капитални инвестиции што резултира од повисока каматна стапка на овие обврзници во однос на каматната стапка на банкарските депозити’ и ‘значајна вклученост на банките во понудата на овие инструменти на инвеститорите’“, велат од Царинската управа.

Од таму посочуваат дека на примарниот финансиски пазар, поголемиот дел од емисиите на корпоративни обврзници се спроведуваат со приватна понуда, каде постои поголем простор за злоупотреба или употреба на средства кои потекнуваат од предикативно дело и имаат за цел на перење пари.

„Ова се должи на карактеристиките на приватната понуда, како: релативно краткорочниот некомплициран процес на издавање – во споредба со процедурите за јавна понуда – ниски формални барања (на пр. нема потреба да се подготви јавен информативен документ) и релативно ниска цена за издавање. Овие карактеристики како и фактот дека приватното пласирање е наменето за избрана група на купувачи, може да ја поттикне нивната употреба за перење пари“, велат од Царината.

Од таму додаваат кај нас сѐ уште немало случај во кој обврзниците се користени за перење на пари, но со зголемениот број на понуди на глобалниот пазар не се исклучува можноста да има и други заплени на физички преносливи средства за плаќање во иднина, а кои би можеле да се користат за подмирување (плаќање) на нелегални активности или перење на пари.

Домашни учесници на пазарот на капитал кај нас, со изненадување ја примија веста за заплената на обврзниците, пред се бидејќи, како што посочуваат, во светот веќе подолго време е тренд хартиите од вредност да се дематеријализираат, односно да се во електронска форма. Дел од нашите соговорници нагласија дека во светот не се непознати обиди за разни измами со хартии од вредност, кои се практично безвредни, и со кои измамници се обидуваат да „навлечат“ луѓе желни за брза заработка да ги купат за значително пониска цена од номиналната. На пример, обврзница која има номинална вредност од 500 илјади (долари, евра) да се продаде за десетина помала цена, а потоа оној кој што ја купил, да сфати дека нема од кого да ја наплати.

Пребарувањето на Интернет покажува дека и хартиите од вредност не се имуни на обидите за перење пари. Еден од актуелните случаи е и оној за таканаречените „туна обврзници“ (во кој се најде и Кредит свис за што мораше да плати „дебели“ казни) и за кој се води судски процес во САД во кој осум лица се обвинети за наводен заговор за ограбување на стотици милиони долари од заеми во вредност од 2 милијарди долари договорени за сомнителни поморски проекти.

Инаку, во јуни во Скопје беше презентиран Извештај од петтиот круг на евалуација на системот за борба против перење пари и финансирање на тероризам на Република Северна Македонија од страна на Мoneyval Комитетот при Советот на Европа, во кој се препорачува државата да продолжи да ги имплементира меѓународните стандарди за борба против перење пари и финансирање на тероризмот.