И Британија именуваше специјален претставник за Западен Балкан
Стјуарт Пич беше претседател на Воениот комитет на НАТО, а претходно и началник на Генералштабот на Британија
Премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон, го назначи Стјуарт Пич за специјален пратеник за Западен Балкан, како дел од континуираната посветеност на Велика Британија за стабилност и просперитет во регионот, соопшти Амбасадата на Велика Британија во Белград.
Сер Стјуарт Пич ќе ја преземе функцијата откако претходно оваа година поднесе оставка како претседател на Воениот комитет на НАТО, улога што ја извршуваше од 2018 година, се вели во соопштението, додавајќи дека Пич претходно служел како началник на Генералштабот на Обединетото кралство.
Како специјален пратеник на премиерот, Пич ќе работи со лидерите од Западен Балкан и други од целиот регион, како и со нашите сојузници во САД и Европа, за поддршка и зајакнување на регионалната стабилност, се вели во соопштението.
Неговата работа, додаде тој, ќе вклучува и промовирање силни демократски институции и отворени општества, помагање во справувањето со сериозниот и организираниот криминал и другите заеднички безбедносни предизвици и охрабрување на решавањето на наследените прашања како што се воените злосторства и исчезнатите лица.
„Во таа насока, Обединетото Кралство, исто така, ќе продолжи да ја води работата на промовирање на родовата еднаквост и спроведувањето на Иницијативата за спречување на сексуално насилство во конфликти. Во Босна и Херцеговина, активностите на сер Стјуарт ќе ја поддржат работата на високиот претставник, Кристијан Шмит, кој продолжува да ја ужива целосната поддршка од Обединетото Кралство. Што се однесува до Србија и Косово, тој ќе работи со нашите партнери за поддршка на дијалогот меѓу Србија и Косово, со посредство на Европската унија“, се вели во соопштението на британската амбасада.
Премиерот Џонсон по повод именувањето на Стјуарт Пич рече дека Обединетото Кралство е длабоко посветено на европската безбедност.
„Западен Балкан се соочува со најголемата закана за неговата стабилност и безбедност во последните две децении. Должни сме да направиме сѐ што можеме за да го зачуваме напредокот постигнат во мирот и дијалогот – не смееме да дозволиме никакво враќање на насилството и поделбите од минатото. „Огромното искуство и експертиза на Сер Стјуарт ќе ги зајакне меѓународните напори за заштита на мирот и промовирање на евроатлантската интеграција во овој клучен регион“, рече Џонсон.
Шефицата на британската дипломатија Лиз Трас оцени дека именувањето на специјален пратеник е јасен показател за посветеноста на Британија кон Западен Балкан и одбраната и унапредувањето на слободата и демократијата во регионот.
Британската амбасадорка во Скопје, Рејчел Галовеј, го поздрави назначувањето на Пич за специјален претставник за Западен Балкан на Премиерот. „Во непосредна соработка со британските амбасади во регионот Сер Стјуарт ќе работи со лидерите од Западен Балкан и со нашите сојузници во поддршка и зајакнување на регионалната стабилност. Неговото назначување е силен сигнал на континуираната британска посветеност на зајакнувањето на нашите врски со земјите од Западен Балкан и на безбедноста и просперитетот на овој важен регион. Со нетрпение очекувам да соработувам со него.“
На состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Рига се разговарало за политичката ситуација во Западен Балкан, а ќе биде на дневен ред на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Ливерпул, кој беше најавен на почетокот на неделава, соопшти британската амбасада. (Н.В.)