И азилот за Груевски ги урива еврокомесарите на Орбан


World Disability Report

Унгарската влада објави дека го номинирала дипломатот од кариера Оливер Вархелји за свој следен комесар откако Европскиот парламент го отфрли првиот кандидат на земјата.

„Голема чест и привилегија е да бидеш номиниран за унгарски член на Комисијата!“, објави на Твитер Вархелји, кој моментно е амбасадор на Унгарија во ЕУ.

Но во бриселските кругови има големо сомневање и за овој кандидат на премиерот Виктор Орбан. Прво затоа што и Вархелји, иако е официјално државен службеник од кариера, тој е познат како многу лојален на Орбан и како наметлив застапник на политичките приоритети на унгарската влада на состаноците на амбасадорите. И втора дилема е дали Унгарија воопшто треба да го добие ресорот за проширување.

Белгискиот неделник МО во опширната анализа го пренесува ставот на Пол Бучер, политички аналитичар од тинк-тенкот „Европски политички центар“ (ЕПЦ) кој смета дека ниту еден унгарски кандидат не е добар на портфолиото проширување и соседска политика.

„Ниеден Унгарец од владините кругови не е подобен за оваа функција“, вели Бучер коментирајќи го новиот предлог на Виктор Орбан.

Бучер смета дека европските парламентарци треба да го блокираат секој предлог од Унгарија, ако навистина се грижат за владеењето на правото. Тој смета дека оваа приказна уште долго ќе се влече. Според Бучер, унгарски комесар за проширување, ќе има комплициран мандат поради дипломатските спорови на оваа земја со Северна Македонија и Украина. Првиот спор се однесува на азилот што му го одобрија унгарските власти на поранешниот премиер осуден за корупција, Никола Груевски.

„Како ќе биде примен унгарски комесар за проширување во Северна Македонија?“, прашува Пол Бучер во интервјуто.

Во однос на Украина, која исто така спаѓа во ресорот на комесарот за проширување и соседска политика, Бучер потсетува дека унгарската држава им додели унгарски пасоши на етничките Унгарци во Украина, откако Киев ги укина малцинските јазици од школските програми.

Говорејќи со новинарите во понеделникот вечерта, унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека одбрал технократ на местото на сегашниот европратеник и поранешен министер за правда, Ласло Трочањи. Објаснувајќи ја својата одлука, Орбан рече дека не може да се согласи на сценарио каде што „некој друг, на пример ЕП, избира од унгарските политичари наместо унгарскиот народ“.

„Шокиран бев кога видов дека Урсула фон дер Лајен му го додели портфолиото во овој состав“, објаснува аналитичарот и објаснува дека во прашање се политички калкулации.

„Орбан ѝ требаше на Лајен за да биде избрана за претседател на ЕК, во Европскиот парламент помина со едвај девет гласови, Фидес има дванаесет, оттука е јасно зошто беше важно да се задоволи Орбан“, оценува Бучер.

Експертите сметаат и дека Фон дер Лајен е уверена дека не треба да влегува во отворен конфликт со Орбан и дека подобро ќе го контролира доколку му го даде тоа што го бара. Но постои и уште една интерпретација за овој контроверзен потег на новата претседателка, а тоа е нискиот степен на важност на самото портфолио.

„Изборот за унгарски комесар за проширување испраќа сигнал за проширувањето, дека тоа всушност не е многу важно“, смета Пол Бучер. Авторот на анализата заклучува дека копенхашките критериуми за демократија и владеење на правото „стихијно“ ќе бидат заменети со „критериумите од Будимпешта“. (Н.Р.)