Хунтата во Мјанмар почна да егзекутира демократски активисти

Демократските личности, вклучително и поранешен пратеника во партијата на Аунг Сан Су Чи, егзекутирани откако беа обвинети за „терористички акти“


Езгекутираниот Фио Зеја Тау беше поранешен рапер и пратеник од партијата на Аунг Сан Су Чи

 

Мјанмарската хунта егзекутирала четворица затвореници, вклучително и поранешен политичар и активист ветеран, предизвикувајќи шок и спротивставување на првата употреба на смртна казна во земјата по децении.

Медиумите под контрола на хунтата во понеделникот објавија дека четворица мажи, меѓу кои Фио Зеја Тау, рапер и поранешен пратеник од партијата на Аунг Сан Су Чи, и истакнатиот демократски активист Кјау Мин Ју, познат како Џими, биле егзекутирани. Тие беа обвинети за заговор за извршување терористички акти и беа осудени на смрт во јануари во затворени судски процеси.

Специјалниот известувач на ОН, Томас Ендрјус рече дека е „бесен и уништен“ од егзекуциите. „Широко распространетите и систематски убиства на демонстранти, неселективни напади врз цели села, а сега и егзекуција на опозициските водачи, бараат итен и цврст одговор од земјите-членки на Обединетите нации“, рече тој.

Советот за национална безбедност на САД ги опиша убиствата како „гнасни“.

Аунг Мио Мин, министер за човекови права во владата на национално единство на Мјанмар (НУГ), која беше формирана во егзил од избрани политичари, претставници на етничките малцинства и активисти, рече дека е крајно тажен. „Што друго ни треба за да докажеме колку е сурова војската на Мјанмар“, рече тој.

По извештаите за егзекуциите, демонстрантите во Јангон кренаа транспарент на кој пишуваше „никогаш нема да бидеме исплашени“.

Друг транспарент беше закачен на мостот во Јангон со предупредување дека хунтата треба „да биде подготвена да го плати крвавиот долг“.

Локалните медиуми објавија дека семејствата на егзекутираните отпатувале во затворот Инсеин во Јангон барајќи да ги видат телата на нивните најблиски.

Извор близок до семејството на Кјав Мин Ју рече дека добиле потврда од заменик-шефот на затворот на затворот Инсеин дека смртната казна е извршена. Не беа дадени информации за тоа кога се случила егзекуцијата. Затворските службеници одбија да го предадат телото на роднините, рекоа тие, и покрај затворските прописи кои наведуваат дека тоа мора да се стори освен ако не постои посебна причина.

Меѓу погубените е и Кјав Мин Ју, ветеран активист на Студентската група генерација 88. Тој беше и писател

Воената хунта на Мјанмар ја презеде власта со државен удар во февруари 2021 година, соборувајќи ја избраната влада на Аунг Сан Су Чи и оттогаш започна кампања на брутално насилство за да ја потисне опозицијата.

Вкупно 14.847 лица се уапсени од пучот, а 11.759 остануваат во притвор, според здружението за застапување за помош на политички затвореници (ААПП) Бурма, кое ги следи апсењата и убиствата.

Според ААПП Бурма, 76 затвореници се осудени на смрт од пучот, меѓу кои и две деца. Уште 41 лице се осудени на смрт во отсуство. Пред егзекуциите во понеделникот, Мјанмар немаше извршено смртна казна повеќе од 30 години, според ОН.

Многумина во Мјанмар ги претворија своите профили на социјалните мрежи црно-црвени во знак на жалост. Други објавија редови од стиховите и говорите на мажите, вклучувајќи ја и репликата „ништо нема да се случи ако сме сите обединети“ од една од рап песните на Фио Зеја Тау.

Фио Зеја Тау (41) беше уапсен во ноември кога околу 100 полицајци и војници упаднаа во станбен комплекс во Јангон. Пред да влезе во политиката бил активист и рапер. Во 2000 година го издаде првиот рап албум во земјата, откако го основаше хип-хоп бендот Ацид. Неговите стихови и нивните слабо прикриени критики за претходниот воен режим, го доловија гневот и фрустрациите на една генерација млади слушатели.

Тој беше активист на движењето Generation Wave, кое користеше уметност и кодираше протести за кампања против претходниот режим. Како и многу од членовите на групата, тој беше уапсен и затворен. Тој стана пратеник од Долниот дом во април 2012 година, истата година кога Аунг Сан Су Чи беше избрана во парламентот.

Кјав Мин Ју (53), ветеран активист, беше уапсен во рација во текот на ноќта во октомври. Тој беше истакнат водач на Студентската група генерација 88, која ги предводеше продемократските бунтови против војската, а беше затворен во 1988 година поради неговата улога во протестите. Тој беше ослободен во 2005 година, но повторно беше во затвор од 2007 до 2012 година.

Кјав Мин Ју исто така беше писател и додека беше во затвор преведуваше дела, вклучувајќи ги „Кодот на Да Винчи“ и „Ангели и демони“ на Ден Браун, и го напиша романот „Месечината во езерото Инле“. Неговата книга за самопомош од 2005 година „Создавање пријатели“ беше бестселер, според Меѓународниот ПЕН.

Двајцата други егзекутирани мажи – Хла Мио Аунг и Аунг Тура Зав – беа обвинети за убиство на жена за која се сомневаа дека била воен доушник во Јангон, според агенцијата Франс прес.

Четворицата мажи се обидоа да поднесат жалба, но нивната казна беше потврдена во јуни. За време на нивната жалба, наводно, им бил оневозможен пристап до правен совет, што е прекршување на меѓународното право за човекови права.

Весникот „Глобал њу лајт“ од Мјанмар, контролиран од хунтата, во понеделникот објави дека мажите дале „директиви, договориле и извршиле заговори за брутални и нехумани терористички акти“.

Хунтата не даде детали за тоа како биле егзекутирани лицата. (Според агенциите)