Хуманитарни пакети со облека и храна во Пунктот за бездомници во Момин Поток


Во пресрет на празниците, во Пунктот за бездомници на Црвен крст на Град Скопје во Момин Поток денеска ќе биде организиран традиционалниот  предновогодишен ручек.  На 150 бездомни лица кои редовно го посетуваат Пунктот ќе им бидат поделени хуманитарни пакети со топла облека и храна.

Пунктот за бездомници функционира 1години и нуди повеќе услуги за лицата кои немаат свој дом. Целта  е да овозможи тие да ги остварат основните човекови права и да се реинтегрираат во општеството. Финансиски е поддржан од Градот Скопје и од повеќе компании и граѓани.

Во базата на Црвениот крст на Град Скопје се регистрирани околу 250 бездомни лица, а 150 од нив неделно ги користат услугите на Пунктот.

 – Поради студениот бран, Пунктот по потреба ќе стане прифатилиште за преноќување на бездомните лица. Доколку граѓаните забележат бездомно лице на кое му е потреба помош, може да се јават на телефонскиот број 071/ 733-171, информира Црвен крст на Град Скопје. 

Од јануари до ноември 2021 година, како што информира Црвениот крст, во Пунктот за бездомници во Момин Поток биле поделени вкупно 7450 оброци, 21 548 парчиња облека, 6526 лекови, имало 1918  медицински интервенции.