Хрватска ќе ја обновува пругата од Загреб до Риека. Ќе чини 2,8 милијарди евра, а речиси цела ќе ја плати ЕУ


 

Само два дена по пуштањето во работа на Пељешкиот мост Хрватска почнува со реализацијата на најголемиот инфраструкурен проект во нејзината независна историја – модернизација и изградба на пругата од Загреб до Риека. Пругата ќе биде долга 155 киометри, ќе чини 2,8 милијарди евра, а дури 85 отсто ќе ја плати Европската унија преку своите фондови. Исто како што ЕУ ја финансираше во најголем обем изградбата на грандиозниот мост од копното до полуостровот Пељешац.

Првата делница е од Загреб до Карловац и е долга 44 километри. Вредноста на проектот е 370 милиони евра, а со договорот потпишан вчера рокот за изведба е 30 месеци. Овој дел од пругата ќе го изведува компанијата „Штрабаг“, истата што ќе прави и еден сегмент од пругата во Македонија од Куманово до Крива Паланка.

Европската комисија уште пред две и пол години го одобри софинансирањето на овој проект со 85 отсто. Пругата ќе има два колосеци, а максималната брзина ќе биде 160 километри на час. Поради тешко пристапниот терен од Карловац до Риека ќе биде потребен голем инжинерско-градежен потфат. На оваа траса од 110 километри дури 70 километри ќе бидат со вијадукти и тунели. Должината на тунелите е 56,7 километри и бидејќи ќе имаат по две цевки тоа значи дека ќе се ископаат дури 113,4 километри тунели. Нјадолгиот вијадукт е 2,3 километри.

Засега е сигурно дека ЕУ ќе је софинансира изградбата на делницата од Загреб до Карловац со 85 отсто, но во хрватската влада се убедени се убедени дека истиот размер ќе остане и за целата пруга до Риека.