Хрватите направија анализа на кириите: Белград најскап, Сараево најевтинo, еве каде е Скопје
Во изминатите петнаесет години, цените на недвижностите пораснаа значително побрзо од кириите
Просечниот Европеец кој живее во стан под кирија троши околу половина од својот приход на кирија, а во некои градови тоа чини значително повеќе. Хрватскиот Тпортал провери како се движат цените за изнајмување во главните градови на земјите од регионот и каква е врската помеѓу киријата и платите.
Додека цените на становите растат циклично со повремени корекции, цените на киријата постојано растат, во согласност со растот на трошоците за живот.
Во изминатите петнаесет години, цените на недвижностите пораснаа значително побрзо од кириите. Според податоците на Евростат, од 2010 година, цените на станбените недвижности во Европската унија се зголемени во просек за 48 отсто, додека кириите во истиот период се зголемени за 22 отсто.
Во Хрватска цените на недвижностите се зголемија за 60 отсто во набљудуваниот период, со тоа што паднаа или стагнираа до 2018 година, по што следеше силен раст. Закупнините во тој период пораснале за 25 отсто, а нивниот раст е постабилен.
Купување или изнајмување?
Поради силниот раст на станбениот квадрат, граѓаните со просечни плати сѐ потешко можат да си дозволат да купат стан. Затоа, сѐ повеќе од нив се свртуваат кон изнајмувањето како поприфатлива опција. Тпортал провери како се движат цените за изнајмување станови во главните градови на 12 земји во регионот, врз основа на податоците од глобалната база на податоци Numbeo.
Притоа беа споредени просечните кирии за еднособни и трисобни станови во центарот и надвор од центарот. Во табелата може да се види и односот помеѓу закупнините и просечните плати во набљудуваните метрополи.

Сараево е најевтин, Берлин најскап
Цените за изнајмување на еднособен стан во центар се најниски во Сараево (301 евро) и Скопје (322 евра), додека највисоки се во Берлин (1.303 евра) и Рим (1.084 евра). Загреб е во златна средина со кирија од 656 евра.
Во Сараево и Скопје најевтина кирија има и за еднособните станови надвор од центарот (214, односно 227 евра), додека најскапа е во Берлин (949 евра) и Виена (733 евра). Загреб повторно е некаде на средина со 259 евра.
Слична е состојбата и со трисобните станови. Најповолни кирии имаат граѓаните на Сараево и Скопје, а најмногу плаќаат жителите на Берлин, Рим и Виена.

Најлоша е ситуацијата во Белград
Но, кога ќе се стават во однос на цената на закупнината и просечната плата, сликата е поинаква. Најлоша е ситуацијата во Белград, каде за изнајмување на еднособен стан надвор од центарот се потребни речиси 60 отсто од просечната плата. За споредба, во Загреб 40 отсто од платата оди за изнајмување на ваков стан. Месечната кирија на трособен стан надвор од центарот во Белград чини повеќе од просечната плата (107 отсто), а во Загреб околу две третини од просечната плата.
Во слична позиција се и оние кои сакаат да изнајмат трособен стан во центарот на Скопје и каде што за таа намена ќе им бидат потребни дури 93 отсто од просечната плата и околу 64 отсто за ист таков стан надвор од центарот на градот.
За еднособен стан, во центарот на Скопје се потребни околу 60 отсто од пресечната плата, а надвор од центарот околу 42 отсто, произлегува од податоците објавени во анализата на Тпортал.
По Белград, Подгорица (51 отсто за еднособен стан; 89 отсто за трособен стан), потоа следуваат Варшава (46 отсто за еднособен стан) и Прага (80 отсто за трособен стан).
Најповолен сооднос кирија и плата има Сараево, чии граѓани плаќаат 28 отсто од просечната плата за изнајмување еднособен стан надвор од центарот, а 43 отсто за трособен стан. Поради високите просечни плати, жителите на Берлин и Виена одвојуваат релативно мал дел од својата плата за изнајмување стан, иако кириите во овие градови се исклучително високи.