„Христо Татарчев“ 60 дена раскопана – граѓаните се жалат дека не проаѓа ни автобусот бр. „24“


Во фејсбук групата „За Расадник на можности, за хуман живот во Кисела Вода“ го прозваа Град Скопје за долгата реконструкција на една улица во општината, иако оваа улица ја реконструира Општина Кисела Вода. 

– Град Скопје. Ќе одбележиме уште некој ден точно 60 дена откако се раскопа улицата „Христо Татарчев“, поранешна „Сава Ковачевиќ“. 40 дена ниту некој доаѓа да работи ниту најава дека ќе се сработи. Автобуси, 24-ка не поминуваат, возила шибаат по шахти околу шахти, се снаоѓаат за нивни пари… се наведува во објавата која е проследна со неколку фотографии од очајната состојба на сообраќајницата. 

 

Инаку, реконструкцијата на улицата на најави актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, на 19 август годинава. 

 

Продолжува градежната офанзива за обнова на патната инфраструктура низ општина Кисела Вода. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес изврши увид во реконструктивните активности на улицата „Христо Татарчев“.

Се работи за еден пообемен потег кој се протега на површина од околу 7000 квадратни метри. Средствата за овој проект се обезбедени преку Светска Банка и Министерството за транспорт и врски, извести општина Кисела Вода.

 

– Денес се наоѓаме на улицата „Христо Татарчев“, каде ќе се врши целосна реконструкција на потегот од бензинската „Мечкаров“ до кружниот тек на последната станица на автобусот со бр.24. На површина од околу 7000 квадратни метри дотраениот оштетен асфалт ќе се замени со нов, што значи и поудобен и побезбеден сообраќај. Би сакал да се заблагодарам на Светска Банка и Министерството за транспорт и врски кои ја препознаа и финансиски ја поддржаа нашата визија, што ја овозможи реализацијата на овој проект. Истиот, е дел од нашите заложби за темелна обнова на патната инфраструктура низ целата општина. Од општина во која улиците не беа санирани, реконструирани по 30, 40 и 50 години, креираме една нова слика за Кисела Вода, како општина во која повеќе нема да има неасфалтирана улица, рече тогаш Ѓорѓиевски.