Христијан Пендиков ќе добие од Бугарија стан и пари за живеење


Николај Милков изјави дека односите меѓу Софија и Скопје имаат нова ниска точка

 

Христијан Пендиков, претепаниот охриѓанец, кој беше на лечење во Софија од бугарските власти ќе добие стан за привремено живеење и пари за издржување додека е во Бугарија. Тоа денеска го соопшти министерот за надворешни работи, Николај Милков, на прес-конференција. Парите што ќе ги добие за живеење се наменети за него и за неговото семејство, рече Милков. Пендиков вчера беше отпуштен од Военомедицинската академија во Софија и веднаш беше примен од претседателот Румен Радев.

Тој најави дека Пендиков ќе има и средба со бугарскиот министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев, „на која ќе се прецизира во колкава мера и дали му треба обезбедување на нашата територија, за да не стане жртва на провокација“.

Милков ги дефинираше настаните од 4 февруари, по повод 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев и случаите на приведени Бугари на граница, како нова ниска точка во односите меѓу Софија и Скопје. „Во однос на конзуларните прашања, правната помош, планираме да направиме некои консултации со нив за да ги изнесеме нашите тврдења, бидејќи тие не нѐ известија за апсењата на бугарските државјани. Тие се обврзани да го сторат тоа според еден куп меѓународни конвенции“, рече Милков.

„Во однос на дискриминацијата – секогаш сме чувствувале дека тоа не е само конзуларно прашање. Дискриминацијата е политичко прашање“, додаде тој.

Милков се надева дека Христијан Пендиков брзо ќе добие бугарско државјанство.

Бугарскиот министер на прес-конференцијата ги објави приоритетите на министерството за оваа година: организирање на гласањето во странство (за 750 избирачки места), учеството на Бугарија во работата на ЕУ и НАТО и обидот да се влезе во Шенген зоната.