Холандскиот проект за Судскиот совет бил вреден речиси милион евра

Како држава што има ставено најмногу вета за преговори со Унијата одлуката на Холандија за Судскиот совет е закана и за европскиот пат на државата


Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев

 

Одлуката на Холандија да стави во мирување проект  вреден речиси милион евра поради состојбата во Судскиот совет – одекна како земјотрес во јавноста. Ова е првиот сигнал дека меѓународната заедница, која со години финансира проекти во правосудството во земјата „врти лист“,  така што во месеците што ќе следат може да се смета и на други опции со кои ќе се порача дека  мора да има промена во оваа сфера или за тоа ќе мора да се плати одредена цена. 

Дали тоа ќе биде процес на прочистување на судството по сите скалила, дали тоа ќе биде ставање на судии на црната листа на САД а можеби и на ЕУ (како што ѝ се случи на Грузија), дали тоа ќе биде повлекување на сите проекти и пари од судството или пак ќе биде холандско вето за преговорите на Македонија во ЕУ, додека ние се митариме околу вклучувањето на Бугарите во Уставот – ќе се навести веројатно многу скоро.

Секако, не е случајно што два од четирите најголеми донатори во оваа сфера направија драматичен исчекор, од писмото на американската амбасадорка Ангела Агелер, па до објавата на амбасадорот Дирк Јан Коп, кој очигледно оваа неодамна донесена одлука сакал да излезе во јавноста и да добие гласност. 

Според информациите од холандската амбасада, странува збор за проект вреден 954.850 евра кој требало да се реализира до септември идната година  и со кој требало да се зајакнат капацитетите и  компетенциите на Судскиот совет преку размена на експертиза со холандскиот Совет за судство. Низ таа соработка требало да се зголеми судската ефикасност, да се промовира отчетност, да се воспостави систем за управување заснован на перформанси, да се промовира вградување на стандарди за интегритет и етика и да се унапреди регионалната соработка. Практично, иако проектот трае од септември 2020 година, место да има резултати и напредок, последните настани во Судскиот совет покажаа самоволие, непочитување на процедурите и законитоста, решавање зад затворени врати и со политички влијанија, немање никакво чувство за одговорност и отчетност, а интегритетот и етиката изгледаат како мисловна именка. 

Податоците покажуваат дека холанската влада досега потрошила милиони евра за реформите во Македонија, а само во последните пет години наменила 4 милиони евра само за проекти во судството, покрај тие за добро владеење, човекови права и антикорупција. Овој проект практично се надоврзал на четиригодишен проект од 649.990 евра за развој на владеењето на правото со специјален фокус на зајакнување на капацитетите на Јавното обвинителство во борбата против организираниот криминал и корупција – каде што е сега Ислам Абази прв човек, кој не само што е политички октроиран, туку и исчезна од јавноста откако е на оваа функција, а предметите на СЈО паѓаат еден по еден.

До 2024 година холандската амбасада финансира и регионален проект од речиси два милиони евра со кој треба да се зајакнат капацитетите за граѓанските пресуди, а до лани финансирала проект со кој требало да се надминат „недостатоците во судската култура  во Западниот Балкан“, односно да се надмине јазот меѓу формалните процеси и неформалните практики во правосудската сфера.

Колку блиску може да биде оваа холандска одлука за  Судскиот совет до ставањето евентуално вето во процесот на преговорите со ЕУ на сите во Македонија ни е јасно. Холандија многупати досега покажа дека е упорна околу исполнувањето на  стандардите за ЕУ, а потврда се ветото за почнување преговори со  Хрватска, па со Србија, за преговорите со Албанија и за влегувањето на Романија и Бугарија во Шенген зоната.  Холандскиот амбасадор тоа немање дипломатски ракавици го покажа најдобро со оценката дека Судскиот совет стана „нелегитимно тело и дека тоа е многу сериозно и болно за гледање“.

„Во минатите две години мислевме дека видовме напредок, подобар менталитет, независно поставување на судии во судот, но исто така сега повторно гледаме дека работите се влошуваат. Гледаме знаци на политичко влијание кај изборот во Обвинителството за организиран криминал, гледаме знаци на политичко влијание во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители, гледаме знаци на политичко влијание практично во сите судови“, нагласи викендов Коп во интервјуто за радио Слободна Европа. Според неговите зборови, кога во февруари 2020 година парламентот донесе закон со кој гарантираше процесуирање на случаите на СЈО, тоа била единствената причина поради која Холандија се согласи за членство на Македонија во ЕУ, а потоа и Советот на ЕУ се согласи со тоа во март 2020 година.

Од Судскиот совет денес реагираа на ваквите оценки на амбасадорот  нарекувајќи ги „неосновани“.

„Судскиот совет функционира законски и во согласност со надлежностите
дадени во Законот за Судски совет“, заклучиле самите за себе членовите на ова тело. Членовите потенцираат дека првиот човек на Судскиот совет е избран на седница со потребниот број на гласови утврдени во Законот за ССРСМ, па ги повикаа надлежните да ги испитаат сите сомнежи за корупција. Воедно тие потсетуваат дека Врховниот суд дополнително и во
законска процедура ги проверува  сите одлуки донесени за проверка за
одговорноста на судиите преку жалбениот Совет.