Хоџа се повлече од функцијата министер


Фото: Б. Грдановски

Аријанит Хоџа, министерот за земјоделство, од редовите на Беса, објави дека се повлекува од функцијата.

На прес-конференцијата што се одржа пред Владата, Хоџа кажа дека оставката е поради нарушување на демократските вредности во државата, додавајќи дека од функција се повлекуваат и двајцата заменици-министри.

„Kако што ветив минатата недела дека поради нарушување на демократијата на локалните избори од страна на дел од оваа влада, на чело со вицепремиерот од ДУИ, кадешто беше повредено правото на демократијата, со манипулативни методи и за жал, тоа продолжи и во текот на вчерашниот ден, кој беше најсрамниот ден за демократијата на нашата држава“, рече Хоџа.

„Ако во 2016 година беше соборен режим, по пет години гледаме дека тие го надградиле режимот. Во Беса работиме на приницип на гордост и достоинство, власта е важна, но не по секоја цена, ќе продолжиме со локалната власт во Тетово и Желино“, додаде тој.

Хоџа смета дека Беса сака да биде дел од власта, но не по секоја цена.

„Одлуката за оставка е морален чин почитување на органите на Движењето БЕСА“, рече Хоџа.

Рече дека немале контакт со пратеникот Кастриот Реџепи и не знаат каде е, но очекуваат, како што самиот најавил, да се врати во понеделник и да ги образложи своите постапки.

Постапките на Реџепи, како што рече Хоџа, се спротивни на одлуката на органите на партијата и сигурно ќе има мерки против него.

– Ако тоа е негова одлука, тоа е одлука спротивна од органите на партијата и сигурно ќе има мерки, кажа Хоџа.

Можноста „Алтернатива“ да се приклучи на актуелното парламентарно мнозинство, Хоџа го искоментира како „самоубиство за секоја партија“.