Хигиеничарка ќе има поголема плата од медицинска сестра, ако не се потпише договорот
Синдикатот на Клинички центар, денеска беше на средба со новиот министер за здравство Фатмир Меџити, на кој се разговарало за зголемување на платите на здравствените работници.
– На првата средба со министерот, како што е актуелно последниве две-три недели, откога се доцнеше со плата, барањата се јасни, најбрзо да се потпише договорот што е веќе направен, што преговаравме три и пол месеци, анексите се подготвени. Така што тоа е најитна работа. Бидејќи, сега со зголемување на минималната плата од 20.175 денари ќе дојдеме и со потпишувањето на договорот во најбрз можен рок, пак ќе има дискрепанца, меѓу хигиеничари и сестри и администрација и доктори, а без потпишување на ова, се доведува во прашање институцијата сестра и доктор. Затоа што ако не се потпише ова под итно, хигиеничарка со 15 години стаж ќе има поголема плата од сестра со средна медицинска стручна спрема, рече Предраг Серафимовски потпретседател на Синдикат на Клинички центар, пред средбата.
Тој се надева на брзо решение затоа што новиот министер е колега од клиника, а тие преговараат со истата влада.
– Разговаравме и со Фондот, ги одобри средствата Министерството за финансии треба да даде амин . Обезбеден е буџетот за овие зголемување. Ова се дава јасен сигнал, ако се продолжи само со зголемување на плата на хигиеничари и за административни работници, се дава сигнал на сестри и на доктори да си фатат патот – додаде Серафимовски.
Инаку, медицинските работници пред некое време излегоа на пратест каде инсистираа на потпишување за зголемување на плати, за медицинските сестри 3.000 денари бруто, за сите останати, јавна администрација, помош на технички персонал и доктори, по 2.000 денари.