Херцог ќе го довери мандатот за нова влада на израелскиот опозициски лидер Ајзенкот


Гади Ајзенкот

Лидерот на израелскиот опозициски блок, Гади Ајзенкот, денеска и официјално ќе го добие мандатот за формирање нова влада од претседателот Исак Херцог.

„Претседателот Исак Херцог го покани Гади Ајзенкот во претседателската резиденција, каде што утре во 17 часот ќе му ја довери задачата да формира влада“, се наведува во официјалното соопштение од кабинетот на израелскиот претседател објавено синоќа.

Претходно вчера, партијата на Ајзенкот, „Јашар“, ги повика членовите на Ликуд, предводена од досегашниот премиер Бенјамин Нетанјаху, да се приклучат кон идната влада.

„Ако Ликуд и неговите сојузници одеднаш покажат интерес за единство и за формирање широка влада, добредојдени се јавно да објават дека нивната коалиција со екстремистите е распуштена и дека сакаат да се приклучат кон влада предводена од Ајзенкот“, соопшти партијата на платформата Икс.

Ајзенкот е поранешен началник на Генералштабот на израелската армија, кој загуби еден од своите синови во војната во Газа. Тој изгради политички имиџ на аутсајдер и бескомпромисен поддржувач на безбедноста.