Хаос во Општина Карпош: Ќе се гради или не висококатницата?


Советот на Општина  Карпош ја запре изградбата на 28-катницата кај „Букурешт“, но градоначалникот Стевчо Јакимовски не ја признава одлуката.

На вчерашната седница на Советот на Општина Карпош, единствена точка на дневен ред беше предлог-одлуката за задолжување на градоначалникот и на Општината да запрат со издавање градежни дозволи, забрана за започнување градба и спроведување ревизија на ДУП за градскиот кварт З 05 блок 08. Планот предвидуваше изградба на солитер од 28 ката до поликлиниката „Букурешт“, што предизвика негативни реакции во јавноста.

На седницата, на која не дојдоа советниците од СДСМ и ГРОМ, со 12 гласа „за“, донесена е одлука со која се забранува издавање дозвола за градба во рамките на ДУП за градскиот кварт З 05 блок 08, односно во делот каде што е предвидена изградба на 28-катницата.

– Со одлуката се обврзува Општината да спроведе елаборат за суспензија на овој ДУП и да почне процедура за негова ревизија. Во моментов, тој ДУП е спротивен на ГУП и на линиските центи што се над планот. Очекуваме со ревизијата да има нова анкета со која граѓаните ќе го дадат своето мислење за тоа како да биде уреден тој дел на ДУП – објави претседателот на Советот Бранко  Ристов. Тој очекува општината да ја испочитува одлуката и да ја објави во „Службен гласник“ на Општина Карпош, со што ќе стане правосилна.

За разлика од него, градоначалникот Стевчо Јакимовски вели дека одлуката ниту ќе ја објават во „Службен гласник“ ниту, пак, овие советници можат да го прават тоа што прават.

– Не може да се носи одлука спротивна на закон. Нивната концепција е да не може да се  донесе ниту еден план. Карпош во моментов како да е во 1945 година, без урбанистички планови, а тоа значи дека луѓето не можат ниту да надградат ниту, пак, да доградат. Се работи за сериозен проблем – тврди Јакимовски и додава дека таму каде што има урбанистички план, тие настојуваат да го урнат на Уставен суд, а таму каде што не можат да ги урнат, се обврзуваат да прават ревизии за да го запрат Карпош.