Хаос во ЈП Колекторски систем – работи без дозвола и трупа долгови поради ненаплатена работа
Јавното претпријатие Колекторски систем-Скопје работи повеќе од 35 години без дозвола, со фактурирана само една третина од пречистената вода и има обврски од над 8 милиони евра. Блокираната сметка, недостапните инфраструктурни објекти и сериозните технички и финансиски пропусти го ставаат работењето на работ на одржливоста.Алармантините состојби ги констатираше Државниот завод за ревизија.
„Јавното претпријатие Колекторски систем-Скопје во 2024 година фактурирало само 33 отсто од испуштената пречистена вода, а со акумулирани обврски од 493.108 илјади денари односно повеќе од 8 милиони евра и блокирана сметка од неговото основање, претпријатието се соочува со сериозни финансиски предизвици, намалена ликвидност и ризици за одржливоста на работењето. Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавното претпријатие Колекторски систем- Скопје, за 2024 година“.
Ревизијата покажа неправилности и неусогласености кои доведоа до неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи. Освен што со децении од МЖСПП нема добиено дозвола за собирање, одведување и пречистување на отпадни води, претпријатието нема ниту целосен увид во побарувањата од поврзаните друштва. Во извештајот се акцентира дека побарувањата од ЈП „Водовод“ Охрид и ЈП „Водовод и канализација“ Струга во вкупен износ од 364.491 илјади денари (5,9 милиони евра) не се вредносно усогласени, што резултира со необјективно прикажување на финансиската состојба.
Инфраструктурните објекти – цевководи, пумпни станици и пречистителна станица, изградени пред повеќе од три децении – не се запишани во катастарот на недвижности, а претпријатието нема имотни листови за нив. Недостасуваат протокомери за мерење на отпадната вода, СКАДА-систем за мониторинг и агрегати за резервно напојување. Претпријатието нема сопствен информационен систем и користи податоци од други јавни водоводи.
Финансиските индикатори укажуваат на критична состојба: обврските се плаќаат со просечен рок од 1.139 дена, а просечниот рок на наплата на побарувањата изнесува 333 дена. Дополнителен товар се обврските кон физички лица за користење на земјиште под инфраструктурата и блокираната сметка од 2020 година.
Ревизијата ја потенцира итната потреба од изготвување план за финансиска стабилност, со реална проценка на ликвидносните ризици, мерки за наплата на побарувањата, оптимизација на трошоците и обезбедување на долгорочна одржливост на работењето. За надминување на утврдените состојби, дадени се конкретни препораки до надлежните институции и одговорни лица.