Хаос пред стара Градска болница, донесен ранет маж, полиција на сите страни


Фото: Б. Грданоски

Рането лице донесено во Градската болница „Св. Наум Охридски“, но како што јавуваат повеќе медиуми, оние кои го донеле ранетиот, впериле оружје и во полицијата.

Во моментов има голем број на полициски возила и службеници пред Градската болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје.

Од извори на лице место, се работи за возило марка „голф 5“ кое влетало во болницата, а потоа и едно лице извадило пиштол и го вперило во полицијата.

Од фотографиите објавени на некои медиуми, се гледа возило со искршени стакла, а покраj него пиштол на тротоарот.

Наводно, се работи за нерасчистени сметки помеѓу две семејства, по што се случил обид за убиство прво во населбата Цементара. По инцидентот, рането лице било донесено со возилото во Градската болница.

„Денеска во 13.04 часот во СВР Скопје било пријавено дека пред деловен објект во с.Љубош бил нарушен јавниот ред и мир помеѓу К.Н. и К.Х., од една страна и Н.Р. и М.Р., од друга, при што било употребено и огнено оружје. Притоа со повреди се здобиле К.Н. и М.Р., кои биле пренесени во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ за укажување на лекарска помош. Четирите лица се обезбедени, како и нивните возила и оружјето, а по целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок“, соопштуваат од МВР.

Се работи на расчистување на случајот.