Хакерски напад на фејсбук страницата на УКИМ


Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје соопшти дека е изведен хакерски напад на нивната фејсбук страница и оти таа моментно е контролирана од непознат субјект.

Истовремено, како што се посочува во соопштението, преземени се сите активности во согласност со Статутот на УКИМ, позитивната законска регулатива во државата и правилата на работење на Фејсбук.

-Се извинуваме за настанатите непријатности и се оградуваме од сите објави на неа, до повторно преземање на администрирањето од страна на службите на УКИМ, се наведува во соопштението на Универзитетот.

Инаку, официјалната Фејсбук страница на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е хакирана веќе еден месец.

Како што може да се забележи во објавите кои се споделуваат на оваа Фејсбук страница, тие не се од информативен карактер, туку станува збор за кинески видеа кои предизвикаа исмејување и револт кај студентите поради несериозноста за објавените содржини.

Дали е ова нормално со последните десетина постови на пејџот на УКИМ? Знаат ли админите дека им е хакиран? – стои во еден од коментарите.

Последната објава на страницата, а која е поврзана со дејностите на универзитетот е од 3 јуни, а тогаш најверојатно се случил хакерскиот напад и во континуитет се споделуваат видеа, за кои претпоставуваме дека се снимени во Кина.

Во нив може да се погледне, како можете да истрижете овца, девојка која лепи плочки, како и совети кои може да ви помогнат во домаќинството.