Хакери го нападнаа Бирото за јавни набавки, нема тендери


Сајтот на Бирото за јавни набавки неколку дена не се отвора, а во функција не е ниту страницата за електронски јавни набавки https://www.e-nabavki.gov.mk/

Вработен во институцијата вели дека е извршен хакерски напад „ransomware“ и дека во изминатите четири – пет дена се стопирани сите јавни набавки од сите јавни институции и претпријатија. Уште се тврди дека хакерите го избришале целиот „бекуп“ и дека бараат „откуп“ во биткоини за да бидат вратени податоците во целост. Прашањето е и како фирмите кои сакаат да учествуваат на тендери тоа можат да го сторат и дали роковите за учество ќе бидат пролонгирани, а за тоа и навремено информирани потенцијалните учесници. 

Од Бирото за јавни набавки велат дека станува збор за поголем технички проблем кој набрзо ќе биде саниран. 

Во февруари годинава беше извршен хакерски напад врз Народната банка, како и врз уште неколку деловни банки. Кој стои зад евентуалниот нападот врз Бирото за јавни набавки, засега нема информација.

По почетокот на војната во Украина низ светот се засилени хакерските напади особено врз воени и државни институции со цел онеспособување на нивната работа или предизвикување на штета. Добар дел од тие напади имаат  политичка боја и  зад нив стојат државни структури.