Хаџи-Василева: Ако има факти ќе се отвори истрага за Алта банка
Обвинителството ги следи актуелните случувања поврзани со Алта банка, организацијата на прославите за Денот на независноста и други теми од јавен интерес, но за формирање обвинителски став, неопходни се конкретни факти и докази – смета новоизбраната раководителка на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи-Василева.
Одговарајќи на новинарско прашање дали има обвинителски став за овие случаи и дали треба да се испитуваат одредени наводи, Хаџи-Василева нагласи дека не би било соодветно да се изнесува став без конкретен материјал.
„За да имате обвинителски став, мора да располагате со конкретен материјал и факти, без оглед на тоа што се зборува во јавноста, што кружи во медиумскиот простор или што произлегува од новинарски написи“, изјави таа.
И додаде дека доколку постојат посериозни индиции или основи за сомневање, тоа е веќе друга ситуација.
Според неа, евентуалното преземање активности ќе зависи од сознанијата и доказите со кои ќе располага Обвинителството.
На прашањето дали, имајќи ги предвид истрагата во Србија и информациите поврзани со сопственикот на Алта банка, ќе побара соработка со српското обвинителство за организиран криминал, таа посочи дека меѓународната соработка е редовен дел од работата на Обвинителството.
„Тоа е, се разбира, дел од начинот на работа и нешто на што нè обврзува законот. Доколку се отвори какво било прашање во рамките на кривичен прогон или испитување одредена состојба, секако дека соработуваме со колегите од други држави“, рече Хаџи-Василева.
Во однос на најавените законски измени, особено новиот Кривичен законик, таа посочи дека законите се подготвуваат со години и дека од нив се очекува да придонесат за поефикасно функционирање на правосудството.