Грузијците на масовни протести: „Ние сме Европа“

Граѓаните бараат оставка од владата поради тоа што Грузија не доби кандидатски статус од ЕУ заедно со Украина и Молдавија


 

Грузијците одржаа нов масовен митинг во неделата (3 јули) барајќи од владата оставка поради нејзиниот неуспех да обезбеди формално кандидатура за членство во Европската унија.

Црноморската нација е под масовни протести откако лидерите на ЕУ кон крајот на јуни одлучија да го одложат барањето за членство на Тбилиси, во очекување на опсежни политички реформи.

Во неделата вечерта, повеќе од 35.000 демонстранти се собраа пред грузискиот парламент, блокирајќи го сообраќајот на главната сообраќајница на грузискиот главен град Тбилиси, јави дописникот на АФП од местото на настанот.

Веејќи грузиски и знамиња на ЕУ, демонстрантите ја пееја националната химна додека многумина држеа плакати на кои пишуваше „Ние сме Европа“.

„Нашите демонстрации се фокусирани на историската цел на европската интеграција на Грузија“, ѝ рече на толпата еден од организаторите на митингот, истакнатиот писател и граѓански активист Лаша Бугадзе.

„Реакцијата на владата на нашите конструктивни, мирни, ненасилни протести беше тотално несоодветна“, рече тој.

Владејачката партија ја обвини опозицијата за „планови за соборување на властите преку организирање антивладини собири“.

„Деструктивна улога“

На Фејсбук, организаторите на митингот претходно го повикаа Биѕнија Иванишвили, основач на владејачката партија во земјата, „да се откаже од извршната власт и да ја пренесе, на уставен начин, на влада на национално согласност“.

Новиот кабинет „ќе ги спроведе реформите што ги бара ЕУ, што автоматски ќе ни донесе статус на кандидат за членство во ЕУ“, се вели во соопштението.

Се верува дека Иванишвили, поранешен премиер и најбогат човек во Грузија, ја раководи земјата и покрај тоа што нема официјална политичка улога.

Минатиот месец, Европскиот парламент усвои необврзувачка резолуција за воведување лични санкции на Иванишвили за неговата „деструктивна улога“ во политичкиот и економскиот живот на Грузија.

Тој инсистира дека се повлекол од политиката.

Еден од демонстрантите, хирургот Ника Горгаслиџе (45), рече: „Иванишвили од зад сцената ја контролира владата, парламентот, судовите, медиумите. Таквиот политички систем е недемократски, тој е некомпатибилен со целта на Грузија да стане членка на ЕУ“.

Друг демонстрант, 19-годишната студентка Марина Саноѕе, рече: „Нашите протести нема да престанат додека немаме нова влада која ќе ги спроведе потребните реформи и ќе нѐ приближи до членството во ЕУ“.

„Чиста патека“

Грузија поднесе барање за членство во ЕУ заедно со Украина и Молдавија, неколку дена откако Русија на 24 февруари ја нападна Украина.

На 23 јуни, водачите на ЕУ им дадоа формален кандидатски статус на Киев и Кишињев, но рекоа дека Тбилиси може да стане официјален кандидат само откако бидат решени отворените прашања.

Лидерите на ЕУ сепак „ја признаа европската перспектива на Грузија“, потег што претседателот Саломе Зурабишвили го поздрави како „историски“.

Премиерот Иракли Гарибашвили рече дека неговата влада е „мобилизирана“ да ги исполни барањата на ЕУ навреме „за да добиеме кандидатски статус што е можно поскоро“.

Одложувањето на кандидатурата на Грузија стана неизбежен заклучок откако Европската комисија – извршната власт на ЕУ – на 20 јуни рече дека Тбилиси мора да спроведе голем број реформи до крајот на 2022 година пред да биде ставен на формален пат за членство.

Условите на ЕУ вклучуваат ставање крај на политичката поларизација, подобрување на слободата на печатот и судовите, изборните реформи и „деолигархизацијата“.

„Тие (Грузијците) имаат јасен пат… Кога ќе се исполнат овие критериуми, кандидатскиот статус ќе се доделува автоматски“, рече шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел на 23-ти јуни.

Владата на владејачката партија Грузиски сон се соочи со зголемени меѓународни критики поради оценките за назадување на демократијата, што сериозно ги оштетува врските на Тбилиси со Брисел.

Плановите за влез во НАТО и ЕУ се вградени во уставот на Грузија и, според анкетите, нив ги поддржуваат најмалку 80 отсто од населението. (АФП)