(ВИДЕО) Почна уривањето на платформите во Струга
Артан Груби, Јетон Шаќири и Рамиз Мерко денес беа во Струга за да направат увид на уривањето на платформите на овој дел од езерото, откако таква акција почна во Охрид. И пред да дојдат тамошните концесионери на плажи започнаа сами да ги отстрануваат платформите поставени во Охридското Езеро бидејќи во петокот добиле решенија за нивно итно отстранување.
Претходно градоначалникот Мерко од редовите на ДУИ изјавуваше дека Струга нема никаков проблем со заштита на природното и културното наследство и нема градби во заштитената зона. Денеска тој рече дека шест платформи на плажите ќе се отстранат, додека останатите објекти имале одобрение.
„Им благодарам на сите иматели на платформи на крајбрежјето, во разговори со сите чинители се договоривме ние да не бидеме „црна овца“, туку да се солидаризираат со колегите од Охрид, за Струга, Република Северна Македонија да не го загуби статусот на УНЕСКО, туку да се доближиме до УНЕСКо, да се инвестира уште повеќе во ова крајбрежје.
Чекаме фидбек од државата и Комисијата на УНЕСКО да ни даде план за подобар развој, да имаме план за одржување на трската, која од 50 хектари сега има 300 хектари трска, за уште повеќе да го развиеме градот. Сите шест платформи за кратко време ќе се тргнат, вклучувајќи ја и онаа на Женска плажа. Самите газди ќе ги отстранат, а ако им треба помош, општината е тука“, изјави Мерко, кој за останатите објекти рече дека се направени со одобрение.
Инаку над 4.000 барања за легализација на дивоградби се одбиени од струшката општинска власт во изминатава деценија, но ниту една од нив не е урната, покажува последниот извештај на Државниот завод за ревизија. Во оваа бројка не влегуваат дивоградбите за кои воопшто не е поднесено барање за легализација.
Мерко правеше споредба со Охрид, каде што рече дека на самите Билјанини извори имало 12 дивоградби.
– Луѓето сакаат излез, не е грешката кај населението, не е ниту кај локалната самоуправа. Сите тие диви градби се пред 2011, сите имаат предмети за легализација, се чека за легализација и не се во заштитниот пијас, туку се во Лабуништа, во Моровишта, наведе Мерко како коментар за извештајот на државниот ревизор.
Премиерот Зоран Заев минатата недела, кога даде поддршка за акцијата за рушење на дивоградбите на крајбрежјето во Охрид, го прозива и струшкиот градоначалник, посочувајќи дека се надева оти наскоро ќе ја поздрави одлучноста и на Општина Струга.
Зелената агенда, која неодамна ја најави како новина лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од старт наиде на резерва кај дел од јавноста, поради тоа што кадри на оваа партија со години наназад се на чело на Министерството за животна средина, додека дел од општините под контрола на интегративците постојано се соочуваат со големи еколошки проблеми.