Грковска: Степенот на независност на судскиот ситем зависи од индивидуалните карактеристики


Политичари стануваа дел од правосудниот систем, но само личниот интегритет стои помеѓу влијанието и професионлното завршување на работата на вработените во правосудниот систем.

– Во минатото имаше прилично голема политичка инвазија на политичари кои потоа станаа дел од правосудниот систем. Се разбира дека има влијание и денеска на тоа што се случува во правосудниот систем. Прашањето за независно буџетирање е валидно. Сигурно дека финансиската независност ќе придонесе за поголема независност на правосудните органи, меѓутоа на крајот се согласивме дека степенот на независност и професионалноста на вршењето на должноста најмногу зависи од индивидуалните карактеристики – вели вицепремиерката Славица Грковска.

– Колкави и да се притисоците какво и да е влијанието, на крај доаѓаме до тоа дали некој ќе подлегне на тие притисоци, дали ќе му биде примарно професионално да си ја заврши својата работа или ќе преовлада стравот од различните притисоци и желбата да се угоди на политичко-бизнис влијанието.

Смета дека одговорноста е прво кај политичарите, а потоа кај сите останати за да се разбие општата перцепција на неказнивост за која што секој од нас, без разлика во која власт се наоѓа, е дел од одговорноста, по вчерашната критика на евроамбасадорот Дејвид Гир за измените на Кривичниот законик.

Функционерката додаде дека наша домашна обврска е да ги поправиме работите и да ги направиме за да имаат бенефит и ќе придонесат за средено општество, каде што институциите ќе функционираат професионално, без разлика за кого станува збор.

-Ние прво сме граѓани на државата, а потоа се функциите. Имаме одлична соработка со сите институции. Сепак далеку сме од тоа да бидеме задоволни, имаме уште работа, истакна Грковска како одговор на новинарско прашање.

Гир вчера порача дека ваквите промени на КЗ можат да доведат до зголемување на неказнивоста.

-Ние сакаме земјата рапидно брзо да напредува во сферата на владеењето на правото, граѓаните имаат право да го бараат тоа и Европската комисија има право да го бара тоа од земја кандидат, рече евроамбасадорот.

Вицепремиерката Грковска го модерираше првиот панел во рамки на конференцијата, посветен на жените во сферата на правдата и на корупцијата во правосудниот систем, на кој учествуваа: Мирјана Лазарова Трајковска, судијка во Врховниот суд на Северна Македонија и поранешна судијка во ЕСЧП, Ина Рама, судијка во Специјалниот Апелационен совет при Уставниот суд на Република Албанија, Ленче Ристовска, јавна обвинителка и прв обвинител за врска на Република Северна Македонија со Eurojust – Агенција на ЕУ за соработка во областа на кривичното право, Бојана Савовиќ, заменик-обвинителка во Вишото јавно обвинителство во Белград, Република Србија и Јелена Перовиќ, директорка на Агенцијата за спречување на корупција на Црна Гора.