Грковска се сретна со министерката за правда на Австрија, разговараа за корупцијата

Вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше средба со министерката за правда на Австрија, Алма Задиќ, со која разговараа за потребата секоја држава да има ефикасен и независен правосуден систем. Вицепремиерката Грковска се заблагодари за поддршката што Австрија и ја дава на нашата држава на нашиот евроинтеграциски пат.
Соговорничките разменија искуства и за начинот на кој функционира правосудниот систем во двете земји, при што беше истакнато дека треба да се воспостави одржлив систем, кој ќе дава резултати и кој нема да зависи од личности.
Грковска нагласи дека изборот на судии и обвинители мора да биде транспарентен, а одлучувачки да бидат квалитетот, знаењето, искуството и интегритетот на избраните лица.
Заедничка беше констатацијата дека сите држави се соочуваат со корупцијата, но важно е секоја држава да изгради ефикасен механизам кој ќе ја сведе корупцијата на најниско ниво.