Грковска очекува брзо постапување на Антикорупциска за случајот на „Еуровиа“


 

Критериумот за најевтина понуда за добивање на тендер не е секогаш најквалитетната и најподобната понуда, изјави денеска вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, одговарајќи на новинарско прашање по објавата во медиумите дека за време на локалните избори во 2021 година фирмата „Скрин медиа“ на Елмедин Адеми, кој е сопственик и на „Еуровиа“, изнајмила билборди и паноа, а истовремено била донатор на партијата за изборите.

Грковска рече дека Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) отвора случај, како надлежна институција да го испитува ова прашање, а со оглед на тоа дека не се работи за обемен случај, смета дека нема да има потреба од многу време за решавање.

„Очекувам брз и ефикасен резултат од страна на ДКСК, а врз основа на тоа да се изречат мерки, се разбира доколку комисијата утврди дека тоа е така, согласно укажувањата и наодите на она што е направено“, рече Грковска.

Таа изрази задоволство од измените за конфискација на имот, но не и од останатите измени на Кривичниот законик со кои се намалуваат казните и времето за застарување за делата злоупотреба на службена положба и злосторничко здружување.

За Грковска проширената конфискација е поволна, бидејќи оние што го прекршиле законот лично ќе почуствуваат дека губат нешто со одземањето на нивниот имот со што и граѓаните ќе имаат бенефит.

За останатите одредби таа изразила резервираност и на седницата на Владата кога се расправало за тоа.