Грижата за здравјето на работниците ја одржа штипска „Актива“ во добра кондиција


Иле Николов, директор на „Актива“

Врвен приоритет на „Актива“ е да ја одржи својата севкупна стабилност додека трае корона кризата по што ќе биде ставен акцент на реализација на она кое не можело да биде реализирано во време на корона

 

Штипска „Актива“, најголемиот и најуспешен стопански колектив во Штип и еден од најуспешните во државата, и во услови на корона криза продолжува да инвестира во својот развој. Сепак, пандемијата е причина што еден дел од развојните проекции на оваа компанија остануваат за реализација за постпандемиското време.

Иле Николов, директор на „Актива“ објаснува како фирмата која има 500 вработени ги преживува момените на новата, голема зараза која покрај одземените животи нанесе штети и во стопанскиот сектор.

-И покрај здравствената криза која трае од месец март годинава, ние успеавме да реализираме дел од планираниот инвестициски циклус. Ја завршивме изградбата на дел од производните погони од 12.000 метри квадратни и тој наш нов производен простор го пуштивме во употреба. Во еден дел од новата хала ќе се работат челичните конструкции, другиот дел е наменет за сериско производство на метални елементи–шасии за познат германски концерн. Сепак кризата не оневозможи да реализираме друга инвестиција од осум милиони евра, процес кој засега го стопиравме. Се работи за простор во кој треба да се работи процесот на антикорозивна заштита на автомобилски делови позната како КТЛ технологија. Оваа инвестиција ќе почека на подобри времиња, за што ние се договоривме и со најголемата компанија за производство на автобуси Ван Хол, со која сме во деловни односи, бидејќи автомобилската индустрија за која и ние работиме насекаде во светот е во голема криза, вели Николов.

Во погоните работат и две роботски раце и седум автоматски машини кои супституират голем дел од мануелната работна рака

Ковид 19, кога е во прашање редовната стопанска активност на овој штипски колектив, има(ше) свој одраз и во намалувањето на производството наменето за странските партнери во делот на автомобилската индустрија и во делот на производство на елементи за локален транспорт на аеродромите ширум светот кои „Актива“ ги произведува.

-За нас тоа се два сериозни удари во делот на нормалното наше работење. Овие удари ние се обидуваме да ги компензираме со зголемено производство на челични конструкции за познати инвеститори, зголемено производство на индустриски капацитети за домашни и странски инвеститори и во зголемена активност во делот на станбената изградба, појаснува Иле Николов.

Ова, според нашиот соговорник, бил начинот компанијата да се одржи во кондиција, да не дојде од отпуштање на работници, а платите да се делат редовно и во полн износ. Врвен приоритет на „Актива“ е да ја одржи својата севкупна стабилност додека трае корона кризата по што ќе биде ставен акцент на реализација на она кое не можело да биде реализирано во време на корона. Тоа значи зголемување на производни капацитети од сегашните 40.000 на 60.000 метри квадратни.

Ковид 19, кога е во прашање редовната стопанска активност на овој штипски колектив, има(ше) свој одраз и во намалувањето на производството наменето за странските партнери

Го прашуваме првиот човек на „Актива“ каква е грижата за здравјето на вработените.

-Не е само обична флоскула ако кажам дека здравјето на нашите вработени ни е на прво место. Сите кои работиме во компанијата се сметаме за големо, сложно и успешно семејство. Тоа значи примена на сите мерки пропишани од здравствените власти на нашата држава. Маски за сите и нивно редовно носење, редовна дезинфекција во сите погони, секојдневна дезинфекција на работните простории, редовно мерење на температурата. Секој кој имал заболен од Ковид 19 во семејството го пријавува тоа, останува дома и така се спречува евентуалното ширење на заразата. Самосвесноста на нашите вработени во однос на превентивата е на највисоко ниво. При први сиптоми на можна зараза од короната ние веднаш и на трошок на компанијата го испраќаме сомнителниот работник на брзо тестирање во клиника во Скопје работникот побргу да знае на што е, а и ние како раководство да ја знаеме неговата здравствена состојба. Тој пристап ни овозможи да го зачуваме здравјето на сите кои се дел од нашето семејство, посочува Николов.

Инаку, во оваа компанија има околу четириесеттина високообразовани кадри од инженерска и економска струка, а во погоните работат и две роботски раце и седум автоматски машини кои супституират голем дел од мануелната работна рака. (И.Б.)