Грета Тунберг со активистите на блокадата на Кожуф

Грета Тунберг, познатата шведска активистка за климатски права, денеска беше на блокадите на Кожуф планина, во знак на поддршка на локалните еко-активисти кои се против изградба на мала хидроелектрана на реката Дошница. Активисите од многу градови од Македонија, кои веќе втор месец по ред го блокираат патот кон локацијата на која треба да се гради хидроелектраната, ја пречекаа Грета со оро, на кое таа им се придружи веднаш штом пристигна на месноста Асан чешма, на патот кон ски-центарот Кожув.
Потоа седна да поразговара со нив и се интересираше за нивниот мотив за одбрана на реката Дошница, која е единствената река од која се пие водата.
Тунберг доби на подарок маица од еко-активистите. Фото: Мета.мк
„Слушнав за вашата борба и решив да дојдам да ве посетам. Секоја локална борба е и глобална и сите овие битки против уништување на природата се поврзани и затоа секогаш ги поддржувам, исто како оние во Шведска. Ја жртвуваат планетата и еко системите, ја уништиваат природата”, им рече Тунберг на македонските активисти.
Таа не беше расположена за разговор со новинарите, туку повеќе се интересираше за активизмот на присутните и сакаше од нив да слушне за нивната битка за спас на Дошница.
„Би сакала вие да ми кажете зошто сте овде, кој е вашиот мотив”, им рече Тунберг на активистите.
Таа кажа дека властите ја жртвуваат планетата Земја и еко-системите, па затоа е важно, според неа, сите активисти да се поврзуваат на овој начин и кажа дека е неопходно сите да ги негуваат вредностите кои природата ги има.
Некои од активстките кажаа дека се на блокадите бидејќи водата од реките е нешто што е есенцијално и е универзално добро за целото население, а дека конкретно Дошница е река чија вода се пие.
„Со мојот активизам сакам да покажам дека ако не ја заштитиме природата, ќе ја изгубиме. Сакаме да покажеме дека моќта е во народот“, кажа една еко-активистка.
На посетата на Тунберг на Кожув ѝ претходеше посета на дискусија за Газа и за Палестина која вчера се одржа во Скопје.
Инаку, еко-активисти веќе втор месец го блокираат патот кон изворите на Дошница, каде што е предвидено да се гради мини хидроелектрана. Спијат покрај патот во шатори и не дозволуваат тепка механизациј и камиони да се упатат кон местото о да започнат градеѓмни активности.