Грета Тунберг дојде во Тетово


Шведската еко-активистка Грета Тунберг во четвртокот престојуваше во Тетово, каде што го посети Општествено-културниот центар Тетово. Според објавата на организацијата, Тунберг имала можност да се запознае со нејзините локални активности и со заедничкиот волонтерски ангажман кој се реализира со поддршка од меѓународни партнери од Белгија, Косово, Црна Гора и од Босна и Херцеговина.

Во рамки на посетата, Тунберг заедно со претставници на организацијата ја разгледала и новата локација на центарот, а деновиве повеќе од стотина волонтери работеле интензивно на нејзино подготвување. Центарот најави отворање на новиот простор за сабота, со почеток од 18 часот.

Официјални информации за можни наредни активности на Тунберг во Македонија засега нема, па остануваат непотврдени шпекулациите дека таа би можела да присуствува и на настани во Скопје во текот на викендот.

Посетата на Тунберг доаѓа по неколку бурни денови на Балканот, каде што таа продолжува со својата активистичка агенда за поддршка на палестинскиот народ. Пред да пристигне во Македонија, Тунберг учествуваше на протест во главниот град на Албанија, Тирана, каде што на плоштадот Скендербег се обрати пред многу граѓани. Таа тогаш повика на итен прекин на израелската опсада врз Газа и остро ја осуди.

Во текот на посетата, шведската климатска активистка Грета Тунберг, заедно со претставници од Општествено-културниот центар Тетово, ја посети и новата просторија во која центарот наскоро ќе се пресели. Над 100 волонтери, изминативе денови работеле интензивно на нејзино уредување.