Грција ги замрзна цените сред сезона – нема нови поскапувања


Грчката влада постигна договор со големите трговски синџири и производителите на храна со кој во текот на летните месеци нема да има нови поскапувања на производите во супермаркетите. Мерката е дел од напорите за ограничување на инфлацијата во период кога земјата бележи најголем број туристи и зголемена потрошувачка.

 

Договорот беше постигнат на средба меѓу премиерот Киријакос Мицотакис, министерот за развој Такис Теодорикакос и претставници на прехранбената индустрија и трговските компании.

Според грчките власти, трговците се обврзале да ги задржат постојните цени во текот на сезоната и да не воведуваат нови корекции, со што се очекува поголема ценовна стабилност за домашните потрошувачи и за милионите туристи кои летово ќе престојуваат во земјата.

Во договорот се вклучени околу 2.000 производи за широка потрошувачка, чии цени веќе беа намалени во претходниот период. Просечното намалување изнесува околу шест проценти, а компаниите се обврзале тие пониски цени да останат во сила и во наредните два месеца.

Владата најавува дека ова е само прв чекор во пошироката стратегија за намалување на трошоците за живот. Од септември се очекува да биде претставен нов пакет мерки, кој ќе биде дел од национален договор со бизнис-секторот за понатамошно намалување на ценовните притисоци.

Со оваа иницијатива грчките власти настојуваат да го ублажат влијанието на инфлацијата, да ја зачуваат куповната моќ на граѓаните и да обезбедат стабилни цени во периодот кога потрошувачката традиционално е највисока поради летната туристичка сезона.