Грчки медиуми: Демарш од Атина до Анкара


 По инструкции на министерот за надворешни работи, амбасадата на Грција во Анкара упати протестна нота до турското Министерство за надворешни работи и за јавните турски соопштенија во врска со грчките специјални просторни планови и поради претседателските декрети на Турција од 15 август за два морски паркови, објави грчката новинска агенција АНА-МПА повикувајќи се на дипломатски извори, јави дописничката на МИА од Атина.

При предавањето на грчкиот демарш, турското МНР упатила вербални ноти, во кои, според АНА-МПА „ги повторува веќе јавно изнесените и неосновани турски тврдења“.

– Грција категорично ги отфрла турските тврдења како неосновани и без каква било правна основа. Статусот на суверенитет во Егејското Море е јасно и конечно утврден со релевантните меѓународни договори, посочиле грчките дипломатски извори.

Додале дека Грција ја отфрла „како неважечка и без правно дејство одлуката за создавање „националните“ морски паркови, на степен во кој тие се протегаат на подрачја вон турската јурисдикција и во рамките на грчкиот континентален гребен“.

– Грција ќе продолжи пред своите европски и меѓународни партнери да ја истакнува секоја еднострана постапка со која се прекршува меѓународното право и се засегаат нејзиниот суверенитет и нејзините суверени права, истакнале дипломатските извори.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по вчерашната средба со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта се осврна и на односите со Турција, рече дека го информирал „за неодамнешната ескалација на турските провокации, особено во Егејското Море“ и посочи дека почитувањето на меѓународното право и добрососедските односи се „предуслов за европскиот пат на секоја земја-кандидат“.

– Уште еднаш ќе повторам, незамисливо е да постои активна закана за војна и оспорување на грчкиот суверенитет од земја која има амбиција да ги подобри своите односи со Европската Унија. Европскиот пат на Турција, кој сакаме да го зајакнеме, не може, а да не оди паралелно со градењето добрососедски односи со Грција. Ќе повторам: мојата татковина е мирољубива земја, која не претставува закана за никого. Но, нема да прифати сугестии од никого за тоа како ќе ја зајакнува својата одбран, порача Мицотакис.