Грант од 500.000 евра за УГД – Штип, училиштето „Кочо Рацин“ од Свети Николе и три компании
УГД – Штип, училиштето „Кочо Рацин“ од Свети Николе и три компании добија 500.000 евра грант од германската и швајцарската амбасада, за поврзување на образованието со стопанството.
Грантот е за реализација на проектот „Паметна обука во преработката на производи од млеко и месо“. Со средствата е предвидено да се изгради и опреми современ центар за обука за преработка на млеко и месо, како и да се изработат наставна програма и материјали за учење со што ќе бидат поддржани две квалификации: млекопреработувач и преработувач на месо и месни производи.
-Ова е од исклучително значење. Повеќе пати сме го потенцирале, врската меѓу образованието и стопанството придонесува за подобра економија, што значи подобар живот на сите граѓани во оваа земја. Постојано потенцираме дека сме посветени на дуалното образование, кое е центар на нашето внимание и кое дава одлични резултати. Па така, од околу 20.000 места за средно образование, 17.000 се посветени на дуалното образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Според неа, поврзувањето на образованието со стопанството преку дуалните паралелки е и индикатор од реформската агенда што бара 700 компании од нашата земја да бидат во врска со средно стручно образование.
-Индикаторот е исполнет, дури и надминат. Имаме меѓу 800 и 1000 компании вклучени во овој процес. Ова е многу значајно. Јас сум благодарна и на странските партнери и на Стопанската комора, затоа што и стопанството, но и образованието играат клучна улога во развој на земјата, рече Јаневска.