Гран при на „Езерски бисери“ за пијанистката Ана Гаштаровска


Македонската пијанистка Ана Гаштаровска ја освои наградата Гран при  на 17-иот меѓународен арт фестивал „Езерски бисери“ и доби фестивалска статуетка, парична награда од 1000 долари која ја додели Фондацијата Зографски и охридски бисери од семејството Филеви.  Младата талентирана Ана Гаштаровска е студентка по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Најновото издание на „Езерски бисери“ кое се одржа во Струга од 9-ти до 12-ти август под раководство на уметничкиот директор, професор доктор Ана Гацева,  е едно од најуспешните досега и во двете програми, класика и естрада.

Во класична музика, за лауреат од прв степен се прогласени пијанистите Лев Чефанов (Русија), Андреј Шаклев, Томе Костовски (Македонија), Глеб Орлов (Русија), Фросина Трајковска (Македонија).

Во соло пеење за лауреат од втор степен се прогласени Јана Блажевска, Исабела Димовска, Дамјана Апостоловски, Маријана Бошковска од Македонија.

Фондацијата „Зографски“ која одбележува 85 години од раѓањето на Томислав Зографски, еден од најзначајните македонски композитори и педагози, додели  дипломи и подарок, охридски бисери на Мариана Бошковска и Викторија Митеска.

Меѓународното стручно жири додели и две специјални дипломи за најдобра изведба на дело од Т.Зографски на Анастасија Кочева за пијано и Исабела Димовска за соло пеење.

Во програмата естрада, награди лауреат прв степен во естраден вокал добија учесници во повеќе возрасни групи: Бојана Срдановиќ (Србија), Драгана Јовановска, Тина Русева, Емилија Трајкоска (Македонија), Елиза Мускат и Мартина Абела (Малта), Дарја Поздеева (Русија), Елиана Гомез Бланко (Малта),  Анастасија Левонова (Украина), Недвед Галеа (Малта), Грета Забиелаите (Литванија).

Вчера на сцената на Центарот за култура во Струга се одржа Гала концерт и свечено доделување на наградите. На ова фестивалско издание извонреден успех постигнаа повеќе македонски учесници кои имаа и впечатливи настапи на Гала концертот.