Граѓанските здруженија против намерата Охридското езеро да добие стопан
Формирање на јавно претпријатие за управување со Охридско Езеро за претставниците на граѓанските организации и еколошките здруженија претставува ставање газда на езерото. Стручната фела, пак, смета обратно – дека во законски рамки се става управувањето со езерото и се овозможува надзор за спроведување на прописите.
Ова произлезе од денешната јавна расправа за Нацрт Законот за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје во категорија III-Споменик на природата во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање, а во соработка со Општинa Охрид.
Како претставник од граѓанските организации и еколошки здрушенија, Никола Киселинов вели дека се против одредбите на Нацрт законот на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) бидејќи за првпат во историјата сакаат да стават стопан на езерото.
-Под формата управување сакаат стопанисување. Како граѓански организации тоа нема да го дозволиме. Во историјата на Охридско езеро никој досега не стопанисувал, тоа е јавно добро заштитено од природен и културен аспект за својата универзална вредност. Поради тоа нема да дозволиме било какво формирање на јавни претпријатија кои ќе бидат партиски, со партиски луѓе и интереси. Имаме професионални институции , НУ Завод и Музеј Охрид, Хидробиолошкиот завод Охрид… нема потреба од нови. Нека направат они институција за заштита на Охридско езеро, а не јавни претријатија. Значи сакаат стопан да стават на езерото. МЖСПП не се способни да го заштитуваат езерото и сега бараат форма како да ја префрлат топката на други институции, вели Киселинов.
Васил Анастасовски, поранешен раководител на Сектор за заштита на природата при МЖСПП и сегашен претседател на Друштво за заштита на природата на Македонија смета обратно:
-Според Законот за природа ќе мора да се формира чуварска служба, што е добро решение за да може постојан надзор да се прави на крајбрежјето на Охридско езеро за се тоа што се случува и навреме да се преземаат мерки за заштита и санкционирање на непосакуваните дејства. Треба да го поддржиме донесувањето на овој закон и се надеваме дека ќе се измени односот во иднина кон ова наше врвно природно добро во државата. Најважно е управувањето со природните добра. Јавно претпријатие најверојатно ќе го финансира државата или Општината. Охридското езеро е во ваква состојба зошто немаше формирано досега управувачко тело. Никој по закон не правеше надзор за спроведување на прописите на Закон за заштита на природата. Секаде каде што немаме управни тела за одредени заштитени подрачја е ваква состојбата. Овде се менува суштински многу со тоа што ќе се формира јавно претпријатие кое ќе се грижи за заштитата на Охридско езеро. Се надевам ќе се води сметка да се примат стручни лица во ова претпријатие, потенцира Анастасовски.
-Репрогласувањето на Охридско Езеро како споменик на природата е од големо значење зошто на овој начин во некакви законски рамки го ставаме управувањето со Охридско езеро, што значи дека по прогласувањето на езерото за споменик на природата важен чекор е изгласување на менаџмент планот за управување со него, вели директорка на ЈНУ Хидробиолошки завод, Охрид, Орхидеја Тасевска.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто установата не го преземе управувањето наместо да се формира јавно претпријатие, потенцира дека се регистрирани како научно истражувачка установа и во статутот не им стои управување, потенцирајќи дека чинот на управување со еден екосистем не е само следење на неговата состојба и препораки за заштита, туку и административни процедури, стратегија за туризам, комунални дејности…
-Комплексна задача е, а ние како научна установа имаме капацитет, но немаме доволно ниту административни кадри, ниту било кој друг потенцијал за да можеме да се справиме и да се носиме со еден ваков предизвик. Но, секако во сите тела кои јавното претпријатие во одреден пропишан рок ќе мора да ги оформи ќе настојуваме да бидат претставници од Хидробиолошкиот завод, затоа што е една од најважните иснтитуции во регионот ако не и пошироко кои ќе имаат и советодавна улога, а се надевам и извршна и право на глас, додава Тасевска.
Со донесување на Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата, како што претходно информираа од МЖСПП, ќе се овозможи зачувување на природната состојба на езерото преку заштита на природните, културните и други вредности како единствена природен феномен во светот, спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите, создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност, како и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите.