Граѓанската иницијатива 5 до 12 бара отворање центар за рехабилитација на деца со аутизам и сродни состојби


Граѓанската иницијатива 5 до 12 бара Министерството за труд и социјална политика што поскоро да пушти во употреба центар за рехабилитација на лица со аутизам и сродни невролошки состојби. Од 5 до 12 велат дека простории за ваков центар се обезбедени, но оти веќе една година не се пуштени во употреба. 

– Едно од барањата на 5 до 12, уште на првите кампови што ги имавме во Жена паркот пред точно две години беше центрите за рехабилитација да бидат прилагодени за лицата со посебни потреби. Ова е еден од центрите кој потоа беше уреден, но за жал тој не е пуштен во употреба , рече Суарет Алишан од Граѓанската иницијатива 5 до 12 и додаде дека просториите, кои се наоѓаат во зграда позади Соборен храм во Скопје, една година стојат празни.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека тврдењата на дел од членовите на Иницијативата 5 до 12 изнесени на денешната прес-конференција дека на споментиот простор до Центарот за даунов синдром требало да се отвори Центар за аутизам и други невролошки состојби се груби манипулации.

-Отворање на таков центар воопшто не е планирано. Во објектот што го споменува иницијативата првично требаше да биде сместен Центарот за даунов синдром, но поради доцнење на изведувачот со градежните работи договорот е раскинат од страна на Министерството за труд и социјална политика и  е покрената судска постапка. Со цел да се обезеди квалитетна услуга која е во интерес на корисниците сега Центарот за даунов синдром е сместен во друг простор, посочуваат од МТСП.

Членовите на оваа иницијатива, велат дека овој центар им е итно потребен, потенцирајќи дека  рехабилитацијата е многу важна за лицата со посебни потреби, особено за децата. 

-Вакви центри, не само овој, туку и многу повеќе ни се потребни. Децата нема каде да се рехабилитираат, да го поминуваат времето, како и да се социјализираат и дружат, рече Зоран Гиев, родител на дете со состојба од спектарот на аутизмот.

Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека во Скопје функционираат два  Дневни центра за аутизам.  Едниот е управуван од  Меѓуоопштинскиот центар на град Скопје и е сместен во простории  на Заводот за рехабилитација Скопје, а со вториот управува, Здружение на граѓани за третман на лицата со Аутизам, АДХД и Аспергеров синдром – Во мојот свет – Скопје. И двата центри се поддржани со средства од страна на МТСП.

Здружението Во мојот свет, во соработка со МТСП и со Министерството за здравство работи и на подготовка на уште еден центар за аутизам во Охрид, што ќе се опремува со донација од  Амбасадата на Република Бугарија во Северна Македонија.