Граѓаните на Охрид имаат рок до 30 јуни да пријават штети настанати од денешното невреме


Општина Охрид објави информација до граѓаните дека штетите врз нивниот имот настанати како последица на денешното невреме може да ги пријават до 30 овој месец.

Од локалната власт појаснуваат дека барањата за пријава на штети граѓаните можат да ги подигаат во архивата на Општина Охрид, а кон барањето за обештетување задолжително се приложува имотен лист и лична карта. 

Според информацијата, настанати штети може да се пријават само за недвижен имот и за земјоделски култури. 

Силно невреме проследено со интензивни врнежи од дожд и град денеска околу пладне го зафати Охрид и околината. 

По повод невремето се огласи и градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески, кој истакна дека невремето за миг ја однесе во неповрат сета мака на земјоделците.

„Уште сега со сигурност можам да кажам дека штетите на земјоделските култури се стопрецентни. Општината ќе ги спроведе сите стандардни постапки за пријавување на штетите,а проценката како што кажав не е ни потребна, стопостотна е“, обајви Ногачески на својот фејсбук-профил.

Тој упати повик до Владата и Министерството за земјоделство да обезбедат средства од интервентниот фонд за земјоделство за обештетување на земјоделците, апелирајќи системско решавање на проблемот со осигурувањето на земјоделските култури од елементарни непогоди.