Граѓаните и фирмите веќе ги чувствуваат придобивките од СЕПА, следен чекор инстант плаќања


ОХРИД  –   Членството во Единствената област за плаќања во евра, СЕПА, веќе носи придобивки за граѓаните и компаниите кои сега плаќаат многу помалку за трансакциите. Ова е првиот заклучок на конференцијата за плаќања и пазарната инфраструктура што денес и утре се одржува во Охрид, во организација на Народната банка, а на која учествуваат гувернери на централни банки од повеќе земји од регионот, претставници на странски големи банки, домашни банкари и финансиски експерти. Покрај придобивките од СЕПА, во фокусот на конференцијата се и инстант плаќањата што ќе се извршуваат 24/7, проект за кој стојат централните банки од регионот, под покровителство на ЕЦБ и Банката на Италија.

„Според процените на Светска банка, постигнувањето на светската цел за намалување на трошоците за дознаки на 3% би придонесло за заштеда до 500 милиони евра годишно за граѓаните во регионот, посочи гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во своето обраќање на отворањето на Конференцијата.

Тој додаде дека и за компаниите, особено за малите и за средните претпријатија, СЕПА носи значителни заштеди и овозможува поголема предвидливост на трошоците при прекуграничните трансакции. 

Покрај тоа, прекуграничните дознаки во регионот на Западен Балкан се за 32 проценти поскапи од трансферите од други делови на светот – разлика коашто сигурно ќе биде отстранета со интеграциата во СЕПА.

„За деловните претпријатија, особено за малите и средни претпријатија, учеството во СЕПА нуди подеднакви материјални предности, преку значително намалување на трансакциските трошоци и зголемување на предвидливоста и ефикасноста. На пример, прекуграничен трансфер од 5.000 евра во ЕУ преку кореспондентски банкарски канали чини околу 0,58 проценти, а трансфер од 20.000 евра околу 0,38 проценти од вредноста на трансакциата, додека споредливите трансфери во рамките на ЕУ во рамките на СЕПА во просек изнесуваат само 0,01 процент“, рече Славески, додавајќи дека ова не е маргинална разлика, туку значително намалуванье што ги изедначува условите за плќање за компаниите од Западен Балкан што тргуваат со своите европски партнери. 

Освен заштедите на трошоци, се очекува интеграциата на регионот во СЕПА дополнително да jа промовира трговијата и инвестициите, да ги поддржи нашите претприемачи и да ги направи финансиските услуги поинклузивни за сите.

Шеснаесеттата конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, што оваа година се одржува под наслов „Преповрзување на плаќањата во дигиталната ера“ ги обединува претставниците на меѓународните институции, европските тела, централните банки, деловните банки, небанкарските даватели на платежни услуги, финтек-компаниите и други релевантни институции од земјава и од Европа, во заедничкото разгледување на трендовите и предизвиците во доменот на платежните услуги.

Славески, во своето обраќање на отворањето на Конференцијата истакна дека интеграцијата на нашата земја во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) покажува дека не само финансискиот систем во земјава, туку и целокупната економија е подготвена за предизвиците што ќе произлезат од делувањето во заедничката европска рамка.

„Ова е историски исчекор кон подлабока европска интеграција, што носи реални придобивки за граѓаните и за компаниите за сегашните, но и за идните генерации“, нагласи гувернерот. Тој потсети дека на 7 октомври годинава, банките од нашата земја, заедно со Албанија, Црна Гора и Молдавија, започнаа со извршување трансакции преку СЕПА, што претставува конкретен чекор кон финансиска и економска конвергенција со Европската Унија.

Славески истакна дека со приклучувањето на земјава во географската област на СЕПА, нашите граѓани и компании веќе ги чувствуваат придобивките од делувањето во единствениот европски платежен простор, во кој плаќањата во евра се побрзи, побезбедни и поевтини, што, пак, на долг рок ќе им овозможи посилни економски врски и полесен пристап до европскиот пазар и до финансискиот сектор.

„Интеграцијата во СЕПА означува вистинска пресвртница на нашето патување кон подлабока европска интеграциа, што jа одразува нашата посветеност на усвојување на европските стандарди и обезбедување дека нашите граѓани и бизниси ќе имаат корист од побрзи, поевтини и побезбедни плакања во евра. На долг рок, овој чекор ќе донесе трајни предности за идните генерации – обезбедувајки им повеќе можности, посилни економски врски и целосна финансиска вклученост во европскиот пејзаж на единствено плаќање“,  посочи Славески.

Следниот стратегиски чекор на Народната банка ќе биде воспоставување нов систем за инстант плаќања според стандардите и правилата за работа на европскиот систем ТИПС, што воедно е регионална иницијатива за поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан и нивна интеграција со европскиот инстант платен систем.

„Со помош на инстант системите, плаќањата ќе станат уште побрзи и достапни во секое време, со што ќе се намали употребата на готовина и ќе се намали сивата економија. Ова пак, ќе ги поттикне растот и развојот“, рече гувернерот.

Осврнувајќи се на улогата на финтек-компаниите и на небанкарските даватели на платежни услуги, Славески истакна дека иновациите и конкуренцијата во овој сектор активно го преобликуваат платежниот пејзаж, создавајќи поголема достапност на платежните услуги и вклученост на населението.

На крајот од своето излагање, гувернерот нагласи дека успехот во оваа област зависи од довербата во платните системи, заснована на три принципи – интероперабилност, пропорционалност на регулативата со интегритетот и финансиска вклученост.

„Плаќањата се крвотокот на финансискиот систем и се неопходни за непречено функционирање на економијата. Клучот за успехот е нашето заедничко работење, бидејќи тоа се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните и влијае и врз стабилноста на економијата“, порача Славески.  (M.J.)